Американскиот претседател Џозеф Бајден им се заблагодари на некои од неговите најголеми донатори на почетокот од неговата кампања за реизбор и се очекува дека ќе собере над 1 милијарда долари за да обезбеди втор мандат.
„Поради вас стојам овде сега. И поради вас, овој пат ќе победиме“, рече Бајден на митингот во хотел во Вашингтон.
Оваа викенд-конференција не беше најавена како настан за собирање средства и не е јасно колку од присутните дале чекови за кампањата на Бајден. Собирот беше најавен како стратешки состанок на 150 главни донатори и собирачи на средства кои потоа ќе се обратат до нивните мрежи за да помогнат во финансирањето на кампањата на Бајден во следните 18 месеци.
Видете и ова: Половина демократи против кандидатура на Бајден, мнозинството сепак би го поддржало на избориПрисутни беа и некои од најистакнатите гувернери на Демократската партија - Гевин Њусом од Калифорнија, Вес Мур од Мериленд и Фил Марфи од Њу Џерси и други пратеници блиски до американскиот претседател.
„Ние сè уште се бориме за душата на земјата“, рече Бајден, повторувајќи ја својата порака од кампањата во 2020 година кога го победи републиканскиот претседател Доналд Трамп, кој тогаш се кандидираше за втор мандат.
Веројатно трката ќе се повтори и на претседателските избори следната година, бидејќи според анкетите Трамп води во републиканската претседателска номинација.
Советниците на Бајден и неговиот претседател на кампањата денеска ќе ги информираат учесниците за стратегијата на кампањата пред трката во 2024 година.
Во вторникот Бајден официјално објави дека ќе се кандидира за нов мандат на претседателските избори во 2024 година. Тој побара од своите избирачи да му дадат повеќе време да ја „заврши работата“ што ја започна.