Мицкоски: Ако власта прифати, ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи една изборна единица

Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека е подготвен да прифати една изборна единица, а неговата партија да го поддржи ваквото решение во парламентот доколку власта го прифати тоа, посебно албанските партии. Мицкоски вели дека го прифаќа укажувањето на ОБСЕ изборите да се спроведуваат во една изборна единица.

„Во четвртата изборна единица се избира пратеник со 7 до 7,5 илјади гласови, а во шестата со 5 до 5,5 илјади гласови, тогаш за да се отстрани тоа треба да имаме една изборна единица и секој пратеник што ќе биде избран во македонското собрание, ќе биде избран со подеднаков број на гласови. Јас апелирам до ДУИ и Алијанска за Албанците да излезат во јавноста и да прифатат една изборна единица и нема потреба од национализам и иредентизам зашто секој граѓанин е еднаков пред Уставот и тие што гласаат во Тетово, Гостивар, треба да се исти со тие во Струмица, Василево и други општини. Затоа власта нека го прифати тоа, а ние како ВМРО ДПМНЕ сме подготвени во парламентот тоа да го поддржиме и да одиме на избори, рече Мицкоски.

Видете и ова: Кој добива, а кој губи ако Македонија е една изборна единица?

На 3 мај ќе се одржи конститутивна седница на работната група за изборни реформи формирана од Министерството за правда, која ќе треба да ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а паралелно да работи и на нов Изборен законик.

Инаку, во земјава моментално се гласа по пропорционален изборен модел со 6 изборни единици од кои од секоја се избираат по 20 пратеници. Со ваков начин мали се шансите за помалите политички партии, кои, и покрај тоа што освојуваат одреден број гласови, сепак остануваат без пратеничко место.