Лајчак: Средбата на 2 мај ќе биде исклучително важна

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак ја истакна важноста на претстојниот самит како дел од дијалогот на 2 мај, посочувајќи дека тоа ќе претставува „решителен чекор напред“ и дека е важно да се избегнат дејствија што може да ја „влошат атмосферата“.

Лајчак во синоќешната порака на Твитер напиша дека во разговор со косовскиот премиер Албин Курти, на маргините на форумот Делфи во Грција, ја истакнал важноста на средбата на 2 мај како дел од дијалогот.

„Тоа ќе биде одлучувачки чекор напред и важно е да се избегне каква било акција што може да ја влоши атмосферата“, рече тој.

Видете и ова: Ескобар: До 2 мај очекуваме предлог од Косово за Заедница на општини

На синоќешната панел дискусија во Делфи тој укажал на важноста од спроведувањето на договорот постигнат на 27 февруари во Брисел и анексот договорен на 18 март во Охрид, за стабилноста на целиот регион.

„На панел дискусијата за дијалог и интеграција во ЕУ на форумот Делфи, ја истакнав важноста од успешното спроведување на договорот од 27 февруари и анексот од 18 март за стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион“, напиша Лајчак.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти на 27 февруари во Брисел го договорија текстот на договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија. На средбата одржана на 18 март во Охрид се договорија и за анекс за имплементација на сите членови од договорот. Лидерите не го потпишаа договорот, а меѓународните актери тврдат дека двете страни се обврзани да ги спроведат сите членови од договорот.