Украинските бранители продолжија да одржат контрола во Бахмут и покрај немилосрдните напади на руските сили врз источниот град кој беше епицентар на долготрајната битка за контрола на регионот Донецк, соопшти војската на 29 април. Претседателот Володимир Зеленски пак побара модерен систем за противвоздушна одбрана по еден од најсмртоносните руски напади врз цивилни цели во последните месеци.
„Руските сили го продолжија притисокот во текот на изминатиот ден на фронтот Бахмут-Адвијивка-Маринка во Донецк, изведувајќи 48 неуспешни напади врз украинските позиции“, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Во меѓувреме, Зеленски ги повика сојузниците и партнерите на Украина да и обезбедат подобра противвоздушна одбрана на Украина, откако најмалку 25 лица, меѓу кои и неколку деца, беа убиени во бранот руски напади врз украинските градови, вклучително и главниот град Киев, на 28 април.
Видете и ова: Дванаесет лица загинаа во руски ракетни напади во УкраинаНајтешко е погоден Уман, град во централниот украински регион Черкаси, каде што најмалку 23 лица, меѓу кои четири деца, загинаа кога руски проектил погодил станбена зграда од девет ката, соопшти украинското Министерство за внатрешни работи. Се верува дека во делот од зградата што е погодена живееле дури 109 лица. Градскиот совет на Уман објави тридневна жалост, а обвинителите отворија истрага за воени злосторства за нападот, соопштија властите.
Во Днепар во централна Украина, една жена и мало девојче загинаа во рускиот напад и покрај тоа што украинската воздушна одбрана успеа да собори седум проектили.
„Провоздушна одбрана, модерни авиони, без кои нема целосно ефикасна противвоздушна одбрана - артилерија, оклопни возила. Сè што е неопходно за да се обезбеди безбедност на нашите градови, на нашите села и во внатрешноста и на фронтот“, побара Зеленски во своето ноќно обраќање доцна синоќа.
Претходно, Зеленски ги осуди нападите како „ноќ на рускиот терор“.