Од Путин до папата
МАКЕДОНИЈА / САД - „Амбасадата на САД се надева дека ќе има независно и одговорно судство без разлика кои се неговите раководители. Ова е од суштинско значење за градење доверба во институциите на судството во Северна Македонија“, наведуваат од Амбасадата на САД за телевизија Алсат во врска со разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
ГРУЗИЈА - На Русија и беше наложено да и плати околу 130 милиони евра (143 милиони долари) компензација на Грузија речиси 15 години по војната во Јужен Кавказ, објави Европскиот суд за човекови права на 28 април.
МАКЕДОНИЈА - Дваесет и двајца работници лани загинале на своето работно место, од кои најголем број смртни случаи биле во земјоделството, покажува Годишниот извештај за несреќи при работа на Македонското здружение за заштита при работа.
МАКЕДОНИЈА - По спроведените контроли на Управата за финансиска полиција во соработка со Државниот пазарен инспекторат, УЈП и МВР во врска со спроведувањето на одлуките на Владата за утврдување на најниски цени за одделни земјоделски производи, биле констатирани незаконитости во надлежност на Управата за финансиска полиција. Оттаму соопштија дека поднеле три кривични пријави против три физички и три правни лица за постоење на основани сомневања за сторено кривично дело даночно затајување.
БиХ - Група граѓани протестираа во петокот, на 28 април, пред Парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина поради одлуката на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, за деблокирање на формирањето на владата на ФБиХ.
ЕУ - Портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано потврди дека на 2 мај ќе има средба меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, како дел од дијалогот за нормализација на односите.
МАКЕДОНИЈА - Според првични информации кои Амбасадата на Северна Македонија во Бугарија ги доби од надлежните институции на Република Бугарија, во текот на вчерашниот ден во Бугарија е пронајдено безживотно тело на И.Н. (49 години), државјанин на Република Северна Македонија.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се дозволува депортација на жителите на анектираните украински територии кои одбиваат да земат руско државјанство.
УКРАИНА - Најмалку 12 лица загинаа во руски ракетни напади врз градови низ Украина, вклучувајќи го и главниот град Киев, пишува Би-Би-Си. Една жена и нејзината тригодишна ќерка се убиени во градот Днипро, соопштија локалните власти.
КИНА / ТАЈВАН - Триесет и осум кинески воени авиони прелетаа во близина на Тајван, објави во петокот (28 април) тајванското Министерство за одбрана, што претставува најголем таков приказ на воздушна моќ од големата воена вежба која симулираше затворање на островот претходно овој месец.
ВАТИКАН / УНГАРИЈА - Папата Франциск во петок, на 28 април, престојува во тридневна посета на Унгарија, што е прва ваква посета откако пред десет години стана поглавар на Католичката црква.