Нови воздушни напади во Судан

За време на судирите меѓу паравоените сили за брза поддршка и армијата во Северен Картум, Судан, се гледа како се крева чад од зградите. 22 април 2023 година.

Суданската армија денеска нападна паравоени формации во главниот град Картум, а смртоносни борби се разгореа во Дарфур.

Доцна во средата, војската соопшти дека се согласила на разговори во Џуба, главниот град на соседен Јужен Судан, за продолжување на тридневниот прекин на огнот што истекува во петок „на иницијатива на Меѓувладината управа за развој (IGAD),“ регионалниот источноафрикански блок.

Имаше неколку обиди за примирје откако избија борби на 15 април меѓу суданската редовна армија предводена од генералот Абдел Фатах ал-Бурхан и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) командувани од неговиот заменик кој стана ривал, Мохамед Хамдан Дагло. Сепак, тие не беа успешни.

Борбите продолжија и покрај прекинот на огнот со посредство на Соединетите држави, кој стапи на сила во вторникот.

Видете и ова: Евакуација на странски државјани и дипломати од Судан

Воени авиони патролираа на небото над северните предградија на главниот град, додека борците на теренот разменуваа оган од тешки митралези и артилерија, изјавија очевидци.

Во средата Бурхан се согласи со предлогот на ИГАД за разговори за продолжување на прекинот на огнот за уште 72 часа, додаде армијата.

Одговорот на РСФ на предлогот остана нејасен.

Најмалку 512 луѓе се убиени, а 4.193 се ранети во борбите, според Министерството за здравство, иако реалниот број на загинати најверојатно ќе биде многу поголем.

Надвор од главниот град, борбите се разгореа во провинциите, особено во западниот регион Дарфур, разурнат од војна.

Судирите меѓу армијата и РСФ беснеат втор ден по ред во главниот град на Западен Дарфур, Генеина, рекоа очевидци, додавајќи дека биле забележани цивили како бегаат кон блиската граница со Чад.

Во средата, хуманитарната агенција на Обединетите нации објави убиства, грабежи и подметнати пожари во Генеина.