Русија го користи своето влијание во Србија обидувајќи се да дестабилизира и да се меша во соседните суверени држави, се вели во извештајот кој денеска го усвои Комитетот за странско мешање во Европскиот парламент (ЕП).
Мешањето во соседните земји, како што е наведено се одвива на неколку начини и тоа: во Босна и Херцеговина (БиХ) преку Република Српска (РС), во Црна Гора преку Српската православна црква (СПЦ) и ширење на просрпски чувства и во Косово преку искористување и разгорување на постоечките спорови на северот.
Се додава дека Русија сè уште има значително влијание на Западен Балкан и моќ да се меша во регионалните обиди за помирување, интеграција и реформи во насока на демократизација.
Извештајот за странско мешање во сите демократски процеси во Европската унија (ЕУ), вклучително и дезинформации, ја нагласува потребата ЕУ проактивно да се спротивстави на пропагандата на злонамерните актери во регионот на Западен Балкан, „која има за цел да ги поткопа интересите и вредностите на ЕУ“.
Видете и ова: Москва и Белград ќе продолжат со обидите да влијаат врз изборите во Црна ГораЗа извештајот гласаа 27 претставници во Комисијата за странско мешање, еден беше против, а еден воздржан. Во јуни, овој извештај ќе биде изгласан на пленарна седница кога ќе добие верзија на Резолуција на Европскиот парламент.
Во овој извештај, регионот на Западен Балкан е оценет како област на стратегиска и геополитичка конкуренција и се нагласува дека некои земји од регионот се склони кон дестабилизација.
Понатаму се нагласува дека проруските ставови се прошириле низ српските и унгарските медиуми на Западен Балкан. Во врска со ова, загриженоста е изразена поради неодамнешните наоди дека Србија е „земјата најподложна на злонамерно странско влијание на Западен Балкан, особено од Русија и Кина“ и дека Србија сè уште не вовела санкции против Русија и не се усогласила со надворешната политика на ЕУ.
Извештајот го поздравува усогласувањето на одредени земји-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ и ја повикува Европската комисија поблиску да соработува со земјите-членки за воведување и спроведување на санкции.
Конкретно, извештајот „најостро го осудува“ отворањето на канцеларијата на Russia Today (RT) во Белград и отворањето на нејзиниот онлајн сервис за вести на српски јазик.