Ковачевски: Писмото на Агелер е испратено секаде каде што треба

Премиерот на РСМ Димитар Ковачевски

Писмото на американската амбасадорка Агелер е испратено секаде каде што е потребно, рече денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски откако американската амбасадорка во земјава Ангела Агелер преку писмо ја изрази загриженоста на Соединетите Држави за поништените пресуди во случаите против високи профили.

„Владата обезбедува услови за функционирање на судовите, во делот на обезбедување на буџет, во делот на предлагање на законски решенија, кои подоцна ја унапредуваат судската пракса. Нов кривичен законик, нови закони подготвени во ренумерација на судиите и обвинителите, но се блокирани во Собранието“, рече премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.

И тој се согласува со забелешката дека одредени судски случаи се одолговлечени.

„Ова писмо содржи одредени случаи коишто, за жал, можам да кажам навистина се одолговлечени. Постапката оди со враќање од повисоки кон пониски инстанци во повеќе наврати. Сепак, тоа се прашања за судиите коишто работат и за оние кои управуваат со работата на судиите“, додаде Ковачевски.

Видете и ова: Агелер загрижена за укинатите пресуди на Апелација

Американската амбасадорка во земјава, Ангела Агелер на 11 април годинава испратила писмо до судските и извршните органи во земјава кое ја изразува својата и загриженоста на САД за, како што вели, поништени решенија против високи профили кои Апелациониот суд ги врати на првостепена постапка.

„Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“, стои меѓу другото во писмото на Агелер.

Дописот главно се однесува на случаите за кои е загрижена јавноста и кои се поврзани со судењата против поранешните функционери кои ја злоупотребиле службената должност и го оштетиле државниот буџет.

Укинувањето на пресудата за „организаторите“ на 27 април е последниот во низата случаи за високи функционери кои се вратени на повторено судење. Во изминатава година беа укинати и „Таргет-Тврдина“, потоа „Трезор“, „Титаник 2“ и „Тарифа“.