Во текот на изминатиот ден Москва ги засили офанзивните акции на фронтот Бахмут-Авдијивка-Маринка на исток, каде што украинските бранители се соочуваат со зголемен притисок од руските гранатирања, воздушните напади и пешадиските напади, соопшти Киев на 26 април.
„Русија ги концентрира своите главни напори на изведување офанзивни операции на Бахмут, Авдијивка и Маринка, каде што украинските сили одбија 39 руски напади во последните 24 часа“, се наведува во дневниот извештај на Генералштабот.
Украинската Армија соопштува дека продолжуваат жестоките борби во Бахмут и Маринка. Руските трупи изведоа три ракетни напади, 13 воздушни напади и 49 ракетни напади врз украинските позиции и цивилната инфраструктура.
Повторените руски напади беа одбиени и во селото Клишчиевка, на околу 10 километри јужно од Бахмут, град во областа Донецк, кој беше епицентар на повеќемесечни жестоки борби.
Во јужниот регион Запорожје, каде што се наоѓа најголемата нуклеарна централа во Европа, во текот на ноќта е прогласена тревога за воздушен напад. Дописниците на РСЕ известуваат за бројни експлозии кои најверојатно биле предизвикани од напад со беспилотно летало Шахед од иранско производство.
Јуриј Малашко, шефот на воената управа на Запорожје, ги повика жителите да се засолнат, но не ја прецизираше природата на експлозиите.
„Останете на безбедни места додека не заврши тревогата“, рече тој.
Руските сили, кои ја контролираат локалната нуклеарна централа, редовно гранатираат делови од регионот Запорожје, сè уште под контрола на Украина. На 25 април, во руски ракетен напад врз музеј во источниот град Купјанск загинаа најмалку две лица, а 10 беа ранети.