Одделот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија работи на утврдување на сите факти во врска со видео снимките објавени во медиумите, а се однесуваат на постапките на полициските службеници со мингрантите
Две видеа, кои се проширија на социјалните мрежи, покажуваат насилството на полицијата во Србија врз бегалците и мигрантите во два града на северот и западот на Србија.
„По спроведената истрага, Секторот за внатрешна контрола согласно своите овластувања ќе ги преземе сите мерки пропишани со закон против одговорните полициски службеници“, соопштија од српското министерство за внатрешни работи на 25 април.
На првото видео снимени во град во близина на границата меѓу Србија и Босна и Херцеговина се гледа како две лица клекнуваат покрај камион, во кои удира еден од двајцата униформирани лица.
Како што дознава РСЕ, видеото е направено и објавено од еден од граѓаните кој го снимил со мобилен телефон кога го минувал граничниот премин на 23 април.
Автентичноста на снимката ја потврди „Lighthouse Reports“, истражувачка новинарска мрежа од Холандија која со години го истражува полициското насилство.
Покрај ова, на социјалните мрежи се појави и видео за кое во објавата е наведено дека е снимено во бегалскиот камп во Сомбор на северот на Србија. На ова видео кое на страната на Инстаграм го објави здружението MVI (Medical Volunteers International Serbia) може да се види како униформирани полицајци тепаат двајца бегалци, додека поголема група мигранти од нив бега.
Комесаријатот за бегалци и миграција на Србија во својот одговор до РСЕ најави дека ќе ги „провери наводите“ за полициско насилство со надлежните институции.