Амeриканската амбасадорка во Скопје, Ангела Прајс Агелер е разочарана од работата на Апелациониот суд односно до враќањето на високопрофилните случаи на повторно судење, јавува ТВ Алсат.
Таа на 11 април годинава испратила писмо до судските и извршните органи во земјава кое ја изразува својата и загриженоста на САД за, како што вели, поништени решенија против високи профили кои Апелациониот суд ги врати на првостепена постапка. Оваа информација ја потврдија за РСЕ од Министерството за правда и најавија дека писмото ќе биде разгледувано деновиве на седница на Влада.
Во писмото во кое имало увид ТВ Алсат од извори во Владата, се истакнуваат и напорите на САД и вложените половина милијарда евра за реформи во судството.
„Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“, се наведува во писмото од амбасадорката Агелер.
Дописот главно се однесува на случаите за кои е загрижена јавноста и кои се поврзани со судењата против поранешните функционери кои ја злоупотребиле службената должност и го оштетиле државниот буџет.
Укинувањето на пресудата за „организаторите“ на 27 април е последниот во низата случаи за високи функционери кои се вратени на повторено судење. Во изминатава година беа укинати „Таргет-Тврдина“, предмет кој се однесува на аферата за прислушување и уништената опрема за прислушување, потоа „Трезор“ кој се однесуваше на незаконитото набавување на британската опрема за прислушување, „Титаник 2“ кој се однесува на изборни измами и предметот „Тарифа“ противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.