Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека отсега Србија во надворешната политика ќе воведе реципроцитет. Ова го изјави откако вчера во Советот на Европа се разгледуваше апликацијата на Косово за членство. Според информациите од Брисел 33 претставници на земјите членки на Советот на Европа, седум биле против, а пет биле воздржани гласаа против приемот на Косово во Советот на Европа.
Вучиќ по денешната владина седница на која се разговарало за Косово, соопшти дека биле поделени задачите во сферата на надворешната политика.
„Одлучивме повеќе да ги почитуваме пријателските земји кон Србија. Да се грижиме за билатералната политика и да не ги надминуваме границите на реципроцитет. Ако некој не го почитува нашиот територијален интегритет, зошто ние да го почитуваме нивниот“, рече Вучиќ.
Седницата на Владата на Србија, на која прва тема на дневен ред беше Косово, се одржа по локалните избори пред три дена во Косово во четири општини со српско мнозинство, на кои Српска листа, најголемата партија која ги обединува Србите на Косово , не учествуваше.
Вучиќ им се заблагодари земјите кои гласале против примеот на Косово во Советот на Европа и тоа на Шпанија, Кипар, Романија, Азербејџан, Грузија за кои како што вели, гласале за поддршка на Повелбата на Обединетите Нации.
„За тоа и сме особено благодарни на Унгарија, тие се покажаа како најголеми пријатели на Србија“, рече Вучиќ на прес-конференцијата.
Вучиќ рече дека одлуката на Советот на Европа за Косово е донесена со надгласување, а воздржувањето според него, практично значи гласање „за“.
Тој рече дека воздржаноста во гласањето на Грција е очекувано, но не и на Украина.
„Имаше разочарување. Србија никогаш не била воздржана за територијалниот интегритет на Украина“, додаде Вучиќ.
Советот на министри на Советот на Европа на 24 април одлучи да ја достави апликацијата на Косово за членство во таа организација до Парламентарното собрание. Со тоа и формално започнаа процедурите за разгледување на барањето на Косово, кое беше поднесено од Приштина во мај 2022 година.
Во февруари во Брисел и во март во Охрид лидерите на Косово и Србија се договорија за текстот и анексот на имплементацијата на договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Според договорениот текст, Србија нема да се противи на членството на Косово во меѓународните организации. Од друга страна пак, политичарите од Србија, редовно потсетуваат дека нема да го почитуваат овој член од постигнатиот договор.