Денеска почнува процесот на интеграција на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Православната охридска архиепископија (ПОА) соопшти портпаролот на МПЦ митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј по завршување на седницата на Светиот архиерејски синод.
На денешната седница се расправаше за обединувањето со ПОА и се донесени неколку одлуки кои не може да се соопштт за јавноста затоа што е потребно да се усогласат со Српската православна црква, додаде тој.
„Одлуките се носеа воглавно едногласно, без никакви издвојувања, и денеска почна процесот за интеграција на ПОА во МПЦ-ОА“, изјави владиката Тимотеј.
Тој додаде кусо дека донесените одлуки се однесуваат на поделбата на епархиите, но напомена дека за јавноста ќе бидат познати по усогласувањето со српската црква. Целосната интеграција Тимотеј очекува да се случи за време на Соборот на СПЦ, кој, како што кажа, треба да почне на 14 или 15 мај.
Поглавар на ПОА беше владиката Јован Вранишковски кој што се одвои од МПЦ во 2002 година и се изјасни дека е за канонско единство со Српската православна црква. Синодот на МПЦ го сметаше Вранишковски за „расколник“ а неговата црква за нелегитимна.
Вранишковски потоа беше осуден на затворска казна од три години. Тој беше обвинет и осуден за проневера на 250.000 евра. Во февруари 2015 беше пуштен од затвор со образложение за примерно поведение, а во мај 2015 година Врховниот суд ги укина првостепена и второстепената судска пресуда. За проблемот со регистрација на ПОА како црква во земјава се водеше и спор пред судот за човекови права во Стразбур
Видете и ова: ПОА на Вранишковски го доби случајот во СтразбурВладиката Тимотеј одговарајќи на новинарско прашање рече дека на седницата на Синодот не се говорело за административното име на МПЦ - Охридска архиепископија.
„Нема што да се зборува, тоа останува, независно кој како сака да не нарекува“, рече Тимотеј, додавајќи дека околу тоа нема поделени мислења во Синодот.
Заокружувањето на процесот на интеграција би значел и формално згаснување на ПОА и нејзино целосно приклучување и обединување со МПЦ-ОА како единствена македонска автокефална црква.
Македонската православна црква-Охридска архиепископија на територијата на земјава и во дијаспората е организирана во 12 епархии, од кои осум се во државата, а четири се во дијаспората.
По повеќе од половина век минатата година МПЦ се врати во канонско единство со останатиот православен свет со одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија кој се очекува и да го додели томосот. По одлуката на Вселенската патријаршија и српскиот патријарх Порфириј му врачи томос за автокефалност на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, по заедничкото сослужување во Белград. Со тоа заврши црковниот раскол почнат уште во 1967 година, кога МПЦ еднострано прогласува автокефалност од Српската православна црква.