Завршните зборови во судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово ќе се одржат на 10 мај, откако денеска беше одложено рочиштето. Пожарот настана на 8 септември 2021, при што загинаа 12 луѓе кои беа на лекување и уште двајца посетители.
Причината за одложување на денешното рочиште беше влошената здравствена состојба на еден од обвинителите, поранешниот директор на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими.
Одбраната го извести судот дека Бесими имал висока температура и треска, па не можел да присуствува на денешното рочиште, а за неговата здравствена состојба поднесе и лекарска документација.
Видете и ова: Без надзор и соодветни документи била изведена електричната инсталација во тетовската модуларна болницаТетовското Обвинителство за пожарот ги обвини Бесими и економскиот директор на болницата Артан Етеми за тешки дела против општата сигурност, додека лекарот Бобан Вучески кој бил на смена е обвинет за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Против Клиничката болница во Тетово како правно лице се покренати кривичните дела предизвикување општа опасност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Денеска повторно пред судот во Тетово граѓани се собраа на мирен јавен протест од кој побараа да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски. Граѓаните кои редовно доаѓаат на овие протести кога се одржува судскиот процес потсетија дека докторот за време на пандемијата со Ковид-19 е тој што совесно ја извршувал својата работа и на многу луѓе им помогнал да ја пребродат болеста.