Доктори, дипломати, дронови...
МАКЕДОНИЈА / СУДАН - Од почетокот на тензиите во Судан не се регистрирани повици од наши државјани на кои им е потребна помош, информираат од Министерството за надворешни работи. Од таму дополнуваат дека, според досегашните информации добиени од нашата Амбасада во Каиро, како надлежно дипломатско-конзуларно претставништво за Судан, во моментот нема наши државјани кои престојуваат во земјата.
МАКЕДОНИЈА - Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), на 25 април, во полн состав, треба да донесе одлука за обединување на МПЦ-ОА и Православната охридска архиепископија (ПОА), со што треба да се финализира договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ со кој беше обезбедена согласноста на Српската црква за автокефалност на МПЦ-ОА, објави порталот религија.мк.
ИРАН - Oд 300.000 до 600.000 абортуси, повеќето нелегални, се вршат во Иран, по стапувањето во сила на владиниот контроверзен закон од 2021 година со кој се заострија ограничувањата за медицински легален абортус и забраната за бесплатна дистрибуција на контрацептивни средства. Целта на законот беше поттикнување на населението во Иран.
СРБИЈА / КОСОВО - Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека за време на вонредните локални избори одржани во неделата на 23 април „се случија тектонски промени“.
„Се плашам дека ова е увертира за многу поголема и подлабока криза во месеците и годините што следат“, рече Вучиќ, говорејќи пред новинарите на 24 април. Тој не прецизираше за каква криза се однесува.
КОСОВО - Косовската претседателка Вјоса Османи вели дека „континуираното и отворено залагање на Србија да се меша во спроведувањето на слободни избори во Косово е во спротивност со духот на последниот Договор меѓу Косово и Србија за нормализација на односите.
МАКЕДОНИЈА - Министерството за внатрешни работи подготвува кривични пријави за група која лажно дојавувала дека има бомби во училиштата, изјави денеска министерот Оливер Спасовски. Тој посочи дека е лоцирана една група за која сега трае вештачењето на доказите, и по завршувањето на истрагата до обвинителството ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МАКЕДОНИЈА - Лекарската комора му ја одзеде лиценцата на анестезиологот од Тетовската болница, Ваљтон Дервиши, кој снимаше и објави видеа со пациенти на „ТикТок“.
РУСИЈА - Беспилотно летало натоварено со 17 килограми експлозив Ц-4 е пронајдено на периферијата на Москва, објави на 24 април руската државна новинска агенција ТАСС, цитирајќи неименуван безбедносен извор.
ЕУ - Европската унија (ЕУ) смета дека изборите одржани во српските општини на северот од Косово не нудат долготрајно решение.
САД / СРБИЈА - Сите земји треба да испратат порака до Русија дека тоа што го прави во Украина е неприфатливо за целиот цивилизиран свет, изјави на 24 април американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил. Тој одговори на прашањето на Радио Слободна Европа (РСЕ) за тоа што очекува од седницата на Комисијата за надворешни работи во српскиот парламент, на која треба да се расправа за иницијативата за воведување санкции кон Руската Федерација.
КИНА - Кина го почитува „суверениот статус“ на земјите настанати од поранешниот Советски Сојуз, соопшти на 24 април кинеското Министерство за надворешни работи. Изјавата доаѓа по контроверзните изјави на кинескиот амбасадор во Франција.
БУГАРИЈА - Не можеме да поддржиме влада со првиот мандат и не сакаме учество на министри од ГЕРБ-СДС во нашата влада, но сакаме влада, рече копретседателот на „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) Кирил Петков во емисијата „Во фокус“ на бугарската Нова Телевизија.