Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека за време на вонредните локални избори одржани во неделата на 23 април „се случија тектонски промени“.
„Се плашам дека ова е увертира за многу поголема и подлабока криза во месеците и годините што следат“, рече Вучиќ, говорејќи пред новинарите на 24 април. Тој не прецизираше за каква криза се однесува.
Неговото обраќање дојде еден ден по одржаните вонредни локални избори на 23 април во четири општини со мнозинско српско население во северно Косово.
Српската листа, најголемата партија на Србите во Косово, не учествуваше на изборите и ги повика Србите да го бојкотираат процесот. Слични повици упати и официјален Белград. Новоизбраните градоначалници во општините на северот на Косово доаѓаат од редовите на албанската заедница.
„Не ни треба никаков конфликт со НАТО, не сме способни за тоа, но не сме во ситуација да дозволиме дополнително понижување на нашиот народ. Ситуацијата само ќе се искомплицира“, изјави Вучиќ на 24 април.
Тој рече и дека ден претходно се случило „мирно политичко востание на српскиот народ“. Според Вучиќ, Србите во Косово бараат поинаков пристап од меѓународната заедница, односно од Западот. Според податоците на косовската Централна изборна комисија (ЦИК), излезноста не била поголема од четири отсто.
Косовскиот премиер Албин Курти во својата изјава оцени дека атмосферата пред изборите била „застрашувачка и уценувачка“, и затоа излезноста била мала.
„Бојкотот беше наметнат со кампања на закани од страна на официјален Белград и неговите криминални лостови на север. Им благодарам на граѓаните за нивната храброст и смиреност“, рече Курти.
Следната седница на српско-косовскиот дијалог, што треба да се одржи на 2 мај во Брисел, ќе биде посветена на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово.
Претседателот на Србија рече дека не донел конечна одлука, но дека, како што изјави, најверојатно ќе присуствува на таа средба иако, како што вели, не очекува дека тогаш ќе се дојде до некакво решение.
Српските власти, на чело со претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, го поставија формирањето на Заедницата како предуслов за понатамошен напредок на дијалогот со Косово.
Заедницата на општините со српско мнозинство на Косово беше договорена со Бриселскиот договор во 2013 година. Но, додека Белград инсистира на Унија со широки овластувања, косовските власти сметаат дека тоа би било штетно за функционалноста на државата.
Уставниот суд на Косово претходно изјави дека одредени принципи на неговото формирање се незаконски и дека мора да се усогласат со прописите на Косово.