Спасовски - МВР работи на вештачењето на доказите за лажните дојави за бомби

Полициска кола пред гимназија во Скопје, по дојава за бомба, архивска фотографија.

Министерството за внатрешни работи подготвува кривични пријави за група која лажно дојавувала дека има бомби во училиштата, изјави денеска министерот Оливер Спасовски. Тој посочи дека е лоцирана една група за која сега трае вештачењето на доказите, и по завршувањето на истрагата до обвинителството ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

„Да, имаме лоцирано една група, знаете дека неколку кривични пријави за сајбер безбедноста се поднесени и за тоа разговаравме на денешната конференција, во моментов се работи на вештачење на материјалите и потврдување на доказите за да се поднесат кривичните пријави“ изјави тој.

Во октомври, ноември и декември минатата година имало вкупно 380 дојави за бомби, додека од јануари, заклучно со 2 март 2023 година, МВР регистрирало вкупно 584 дојави. Повеќе од 720 објекти, според министерот, биле цел на лажните дојави, кои биле испратени од повеќе од 60 различни електронски адреси. Спасовски додаде дека во изминатиов месец не пристигнале нови лажни дојави за бомби.

Во периодот од октомври до почетокот на годинава биле испратени над 300 лажни дојави за поставени експлозиви, додека од јануари до март биле испратени околу 500 лажни дојави. Спасовски додаде дека во изминатиов месец не пристигнале нови лажни дојави за бомби.

Во март годинава имаше во еден ден вкупни 120 лажни дојави за бомби.

Претходно Спасовски изјавуваше дека истрагата покажала дека било дел од лажните пријави за бомби доаѓаат од странски адреси од Русија и Иран, од компјутери скриени зад VPN, што практично значи дека ја маскира вистинската локација на компјутерската мрежа.

Сега за лоцирањето на оваа група, Спасовски вели дека тие се лоцирани со помош на Секторот за борба против криминал, секторот за истражување на компјутерски криминал и со меѓународна полициска соработка.

„Кога започнаа ваквите напади, изјавивме дека секојдневно работиме со сите меѓународни релевантни фактори и во целата постапка беа вклучени и наши институции и споделени информации од меѓународните фактори, деталите ќе може да ги објавиме кога ќе заврши проверката на доказите и поднесувањето на кривичните пријави“ додаде тој.

Видете и ова: Спасовски - група испраќала лажни дојави за бомби и ќе добијат кривични пријави за тероризам


Дојавите за поставени експлозивни направи, кои со месеци ги вознемируваа граѓаните и беа секојдневна содржина во медиумите, како што рече Спасовски, се дел од хибридните закани со кои се соочува земјава и безбедносните служби. Во однос на како што вели, хибридниот напад врз Фондот за здравство, кој повеќе од две недели имаше нефункционален систем по нападот, истрагата е обемна и се уште се работи на тој случај вели Спасовски.

Во Македонија заканите за лажни бомби не беа единствен проблем. Од крајот на 2022 година наваму се случија сајбер напади врз интернет страниците на државните институции како Фондот за здравствено осигуривање, Владата, министерствата за земјоделство и за образование и наука, од каде беа украдени податоци, а во некои од случаите напаѓачите за нив бараа откуп во крипто валути.