ЕУ – Изборите на Косово не нудат долготрајно политичко решение

Знамиња на Косово и на ЕУ

Европската унија (ЕУ) смета дека изборите одржани во српските општини на северот од Косово не нудат долготрајно решение.

„Нискиот одѕив, посебно меѓу косовските Срби, покажува дека овој процес не е и не може да се смета за вообичаена работа. Учеството во изборните процеси им за цел да обезбеди да се слушне гласот на заедницата која ја претставуваат избраните лидери“, стои во соопштението на портпаролот на ЕУ.

Во него се оценува дека овие избори не нудат политичко решение за овие општини.

„Тоа може да се случи само преку трајно враќање на косовските Срби во институциите и Косово да го олесни тоа враќање. Работата за формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство треба да заврши што е можно поскоро“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека е императив итно да се врати ситуацијата во која косовските Срби активно учествуваат во локалната администрација, полицијата и судството на северот на Косово.

Видете и ова: Хил - Србија треба да испрати јасна порака до Кремљ

„За таа цел, постои итна потреба од сериозен дијалог меѓу Владата на Косово и косовските Срби на север. Досега е постигнат мал напредок. Затоа, ни треба двете страни да ја одиграат својата улога и да ги исполнат своите обврски “, се вели во соопштението.

На 23 април се одржаа вонредни локални избори во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово. На тие избори учествуваа помалку од четири отсто од граѓаните.