Курти - Владата ќе ги поддржи новите градоначалници на северот во Косово

Косовскиот премиер Албин Курти.

Косовскиот премиер Албин Курти им честиташе на новоизбраните градоначалници во општините на северот на Косово со порака дека треба посветено да ги извршуваат своите должности и да им служат на сите граѓаните без разлика.

„Владата ќе ги поддржи и ќе им помогне. Институционалниот систем и јавните служби ќе можат подобро да функционираат. За доброто на граѓаните и нивните права“, напиша Курти на својот Фејсбук профил.

Оваа порака од Курти доаѓа еден ден откако на 23 април се одржаа вонредни локални избори во општините со српско мнозинство - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Видете и ова: На изборите во северно Косово гласаа 3,47 отсто гласачи


Врз основа на прелиминарните резултати на Централната изборна комисија, кандидатите на движењето Самоопределување, Ерден Атиќ и Љуљзим Хетеми победија во Северна Митровица, односно во Лепосавиќ.

Кандидатите на Демократската партија на Косово Измир Зеќири и Иљир Пеци ќе бидат нови градоначалници во Зубин Поток, односно Звечан.

Српската листа, најголемата партија на Србите во Косово, ги бојкотираше овие избори, на кои присуствуваа околу 1.500 гласачи од над 40.000 со право на глас.

Видете и ова: Амбасада на САД – Изборите во Косово одржани според закон


Во меѓувреме, потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ изјави дека „српскиот народ никогаш нема да дозволи општините на север да бидат управувани од оние со еден или два отсто од гласовите“. Во име на Српската листа, Радоичиќ им се заблагодари на припадниците на српската заедница од северот што ги бојкотираат изборите на север и што докажале „патриотизам, достоинството, чест и единството“.

И официјален Белград го поддржа бојкотот на изборите на северот.

Од друга страна, премиерот на Косово, вели дека атмосферата во очи на изборите била „застрашувачка и уценувачка“ и затоа имало мала излезност.
„Бојкотот беше наметнат со кампања на закани од страна на официјален Белград и неговите криминални лостови на север. Им благодарам на граѓаните за нивната храброст и смиреност“, рече Курти.