Министрите за земјоделство на Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка бараат од Европската комисија да го прошири опсегот на производи од Украина за кои беа предложени заштитни мерки. Тие бараат и зголемување на мерките за заштита на погодените пет источноевропски земји.
„Сметаме дека предложената исклучителна заштита во форма на дозволување увоз само заради транзит кон остатокот од ЕУ и остатокот од светот треба да се примени на поширок спектар на производи“.
Ова го напишаа петтемина министри во заедничкото писмо до потпретседателот на ЕК и еврокомесар за трговија, Валдис Домбровскис и до европскиот комесар за земјоделство, Јануш Војчеховски, кое е доставено до Радио Слободна Европа.
Европскиот комесар за трговија Домбровскис оваа недела разговараше за предизвиците на зголемениот увоз на земјоделски производи од Украина разурната од војна со петте земји во обид да се избегнат чекори кои би можеле да го „загрозат внатрешниот пазар“ и да се одржи единството против руската неиспровоцирана инвазија на Украина.
Пред околу една година, ЕК одлучи да ги отстрани тарифите за стоките од Украина во знак на солидарност со земјата, чија економија во голема мера се потпира на земјоделското производство додека Русија е во војна со неа. Сепак, ова ги погоди локалните пазари и земјоделците во неколку земји протестираа против олеснетиот увоз со образложение дека тоа го намалува локалниот пазар.
Видете и ова: Г7 бара продолжување и проширување на договорот за извоз на украинско житоОд почетокот на април, Полска, Унгарија и Словачка и Бугарија привремено го забранија увозот на жито, пченица, сончоглед, млеко, месо и друга храна со потекло од Украина. Во петокот Романија соопшти дека засега ќе ја суспендира забраната за увоз на украински производи. Во Бугарија забраната стапува на сила на 24 април и ќе важи до 30 јуни. Транзитот на стоки од Украина наменети за трети земји останува дозволен.
На 19 април, ЕК понуди финансиска помош за погодените земјоделци во петте земји, како и заштитни мерки за „клучните производи“. Сепак, парите ќе дојдат само ако ги укинат еднострано наметнатите забрани за увоз на храна од Украина бидејќи тоа „го става на ризик внатрешниот пазар“.