По месец дена потрага уапсен индиски сепаратист

Амритпал Синг

Индиската полиција го уапси сепаратистичкиот водач на Сиките, Амритпал Синг, откако повеќе од еден месец трагаше по него.

„Амритпал Синг е уапсен во Мога, Пунџаб“, објави државната полиција на Твитер, повикувајќи ја јавноста да не шири лажни вести.

Тој беше уапсен според Законот за национална безбедност, кој дозволува оние што се сметаат за закана за националната безбедност да бидат притворени без обвинение, изјави полициски претставник.

Видете и ова: Експлозии и пукотници во храмот на Сиките во Кабул


Синг, проповедник во северозападната држава Пунџаб, со мнозинство на Сики, ги оживеа разговорите за независна татковина на Сиките и ги поттикна стравувањата од враќање на насилството во кое загинаа десетици илјади луѓе во 1980-тите и раните 1990-ти.

Полицијата го обвини Синг и неговите поддржувачи за обид за убиство, попречување на спроведувањето на законот и создавање раздор и рече дека тој бил во бегство од средината на март.

Властите распоредија илјадници полицајци во потера, додека интернетот беше во прекин со денови во Пунџаб, држава со 30 милиони жители.

Полицијата уапси повеќе од 100 негови следбеници, ги префрли во затвори, оддалечени стотици километри, а во некои области властите забранија собири на повеќе од четири лица.