Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е потребно заострување на санкциите кон Русија со цел предвремено да се стави крај на 14-месечната инвазија. Тој, исто така, се заложи за повеќе муниција додека интензивните борби продолжуваат во источна Украина.
Украинската армија денеска објави дека во моментов се водат „најжестоки“ борби околу градовите Бахмут и Маријнка во областа Доњецк.
И локалните власти во Харков изјавија дека цивилната инфраструктура во североисточниот град е под напад, откако најмалку пет руски проектили ги погодија градот и регионот во текот на ноќта.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили постигнале напредок во Бахмут, заземајќи три блока во градот со предвоено население од повеќе од 70.000 жители, кој беше уништен од повеќемесечната руска офанзива.
РСЕ не може самостојно да ги потврди тврдењата на ниту една страна на бојното поле во областите на најжестоките борби. Во своето редовно видео појавување доцна вчера на 22 април, Зеленски рече дека дополнителен „пакет санкции се разработува во детали“.
Видете и ова: Украина одбила десетици руски напади во изминатиот денЕвропската унија моментално работи на својот 11-ти пакет економски и дипломатски санкции против Русија од почетокот на нејзината целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека претстојните санкции првенствено ќе имаат за цел да го спречат заобиколувањето на постоечките ограничувања за Русија.