Први евакуации на странци од Судан во Саудиска Арабија

Луѓето бегаат од главниот град на Судан поради конфликт, Картум, 19 април 2023 година.

Брод со државјани на Саудиска Арабија и други земји пристигна од Судан, објави државната телевизија на земјата. Ова е прва евакуација на цивили од Судан што е официјално објавена од почетокот на конфликтот во таа земја.

„Пристигна првиот брод за евакуација од Судан, со 50 саудиски државјани и повеќе граѓани од пријателски земји“, објави официјалната ТВ станица Ал-Ехбарија.

Бродот се закотви во саудискиот град Џеда, пристаниште на Црвеното Море, каде се очекува пристигнување на уште четири бродови со 108 луѓе од 11 различни земји, пренесуваат саудиските медиуми.

Ал-Ехбарија објави снимка од големи бродови кои пристигнуваат во пристаништето Џеда. Исто така, објави видео на кое се гледаат жени и деца како носат саудиски знамиња на еден од бродовите.

Овие евакуации го претставуваат првиот чин на спасување цивили по избувнувањето на насилството во Судан на 15 април.

Видете и ова: Продолжуваат борбите во Судан

Се прават планови за евакуација на други странци од Судан, а САД, Јужна Кореја и Јапонија распоредуваат сили во блиските земји. Во петокот, американскиот Стејт департмент соопшти дека ситуацијата е сè уште премногу ризична за да се евакуира персоналот на амбасадата.

Борбите во главниот град на Судан влегоа во втора недела, откако пукотниците го прекинаа привременото примирје на силите на ривалските генерали во судирите во кои има стотици мртви и илјадници ранети.