Претседателката на Косово, Вјоса Османи ги повика граѓаните од северот, каде живее мнозинско српско население, да го искористат своето право на глас на вонредните локални избори на 23 април.
„Со гласањето, ќе се погрижите вашите избрани претставници директно да се занимаваат со прашањата кои влијаат на вашите животи и да создадат перспектива за сите вас. Учеството на изборите значи подобар живот за сите вас“, рече Османи.
Видете и ова: ЕУ повика на мирно одржување на изборите во северот на КосовоВо четири општини на северот на Косово, Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, во недела на 23 април се одржуваат вонредни локални избори, откако во ноември минатата година, градоначалниците од Српската листа поднесоа оставки.
Оваа најголема партија на косовските Срби сега одбива да учествува на изборите со образложение дека не се исполнети нивните услови за враќање во косовските институции - формирање Заедница на општини со српско мнозинство и повлекување на специјалните единици на Косово од општините на северот.
Видете и ова: Вучиќ: На изборите на северот нема да учествуваат „повеќе од сто Срби“Тие ги повикаа и припадниците на српската заедница да ги бојкотираат изборите на 23 април. Османи им порача на граѓаните на северот дека косовските институции прават се за изборите да бидат слободни и фер и да им се гарантира безбедноста.
„Вашето учество на изборите ќе испрати силна порака до оние кои сакаат да ве заплашат и угнетуваат, дека нема да можат да ве замолчат и дека функционерите што ќе ги изберете ќе ви служат вам и на интересите на сите граѓани на општината“, изјави Османи.
Српската листа, која функционира со поддршка на Белград, досега има добиено над 90 отсто од гласовите на сите избори на Косово, но оценката на Европската унија во 2021 година беше дека оваа партија го „монополизирала“ политичкиот живот на косовските Срби.