ЕУ повика на мирно одржување на изборите во северот на Косово

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

Европската унија повика вонредните локални избори на северот на Косово кои треба да се одржат утре да поминат мирно и сите страни да се воздржат. На 23 април граѓаните со право на глас во четирите општини на северот на Косово, населени со мнозинство Срби - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток ќе избираат нови градоначалници. Во меѓувреме во Лепосавиќ и Звечан ќе се гласа за новиот состав на општинските собранија.

ЕУ уште еднаш го изрази своето разочарување поради бојкотот на изборите од страна на главната партија на Србите во Косово, Српска листа, која има поддршка од официјален Белград и порача дека е неопходно Србите да се вратат на институциите на Косово.

„Императив е да се вратиме на ситуацијата во која косовските Срби активно учествуваат во локалната власт, полицијата и судството во северно Косово. Потребни ни се двете страни да ја одиграат својата улога во овој поглед“, рече портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

Видете и ова: Вучиќ: На изборите на северот нема да учествуваат „повеќе од сто Срби“

На 5 ноември 2022 година, градоначалниците на Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток од Српската листа поднесоа оставки. Тие ваквата одлука ја донесоа во знак на незадоволство од одлуката на Владата на Косово, со која Србите се обврзани да ги заменат регистарските таблички на автомобилите, издадени од Србија.

На изборите на 23 април за градоначалници на четири општини ќе се натпреваруваат 10 кандидати, а само еден е од српската заедница. Претходно во трката влезе и уште еден српски кандидат, но тој се повлече три дена пред изборите.

Осврнувајќи се на изборите и неучеството на нив на Српската листа, Стано уште еднаш го изрази разочарувањето на европскиот блок за одлуката на оваа партија, со оглед на потребата од ангажирање на локалните Срби во структурите на локалната власт.

„Императив е изборите да се одржат во мирни услови и ЕУ ги повикува сите страни да покажат воздржаност“, додаде Стано.

Видете и ова: Ескобар: До 2 мај очекуваме предлог од Косово за Заедница на општини

Стано го спомена и мартовскиот договор меѓу Косово и Србија, кој беше постигнат во Охрид и кој предвидува учество на Србите во институциите на Косово.

„Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија на 27 февруари и анексот за негова имплементација што беше постигнат во Охрид на 18 март беа големи чекори. Договорот и анексот го отвораат патот кон сеопфатна нормализација на односите. Основен дел од спроведувањето на овие договори ќе биде стабилното враќање на Србите во институциите на Косово, вклучително и локалната власт“, рече тој.

Тој побара од Косово и од Србија да дадат приоритет на враќањето на Србите во косовските институции. Српската листа, но и функционерите во Белград, поставија два услови за враќање на Србите во институциите на Косово: формирање Заедница на општини со српско мнозинство и повлекување на специјалните единици на косовската полиција од северот на земјата. Инаку, на изборите на 23 април ќе бидат отворени 19 гласачки центри, од кои 13 ќе бидат сместени во контејнери.