Врховниот суд на Соединетите Американски Држави го задржа пристапот до најчесто користената пилула за абортус - мифепристон, пресудувајќи дека лекот може да остане достапен додека трае правниот процес. Во поделената одлука, Врховниот суд, исто така, ги отфрли ограничувањата за лекот наметнати од понискиот суд, кој ќе го задржи статус квото.
Иднината на мифепристон е доведена во прашање откако судија од Тексас се обиде да го поништи неговото долгогодишно одобрение. Имено, судијата Метју Качмарик во Тексас, кој беше назначен од Доналд Трамп, на 7 април го запре одобрувањето на мифепристон на Агенцијата за храна и лекови (ФДА).
Еден час по пресудата во Тексас, федералниот судија во Вашингтон, назначен од поранешниот американски претседател Барак Обама, издаде налог, наредувајќи ѝ на ФДА да го задржи лекот на пазарот во 17 држави и во областа Колумбија, каде што абортусот е легален.
Видете и ова: Врховниот суд во Тексас го укина правото на абортусПресудата во Тексас е една од најзначајните откако конзервативниот Врховен суд со 6-3 ја поништи пресудата Роу против Вејд минатото лето, која со децении го штитеше уставното право на жените на абортус.
Поддржувачите на правата на абортусот стравуваат дека одлуката на судијата во Тексас може да го отвори патот за државите предводени од републиканците да забранат абортуси.
Со пресудата од петокот, случајот „мифепристон“ сега се враќа пред понискиот 5-ти Окружен Апелационен суд. Случајот најверојатно повторно ќе се најде пред Врховниот суд, донесувајќи ја најзначајната пресуда за абортусот.
Употребата на апчиња за абортус е најчестиот метод за прекинување на бременоста во САД од 2000 година, кога американската Администрација за храна и лекови (ФДА) го одобри мифепристон - главниот лек што се користи за медицински абортуси.
Овој лек се зема со мизопростол, лек кој предизвикува грчеви кои ја празнат матката. ВоСАД го користеле повеќе од пет милиони жени за да ја прекинат бременоста.