Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека „не повеќе од сто Срби кои всушност живеат таму“ ќе учествуваат на специјалните избори во четири општини на северот на Косово, пренесува Бета.
„Ќе ни објаснат дека овде нема демократија. Но затоа кога имаш избори на кои излегуваат еден процент од луѓе донесени однадвор, тоа е чудо на плурализам. А особено кога гласаш во контејнери и полициски станици. Тоа е чудо на демократијата“, изјави Вучиќ за новинари во Белград.
Вонредните избори во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово ќе се одржат на 23 април.
Видете и ова: Ховениер за РСЕ: Внимателно ги следиме изборите на северот на КосовоИзбори во Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток се одржуваат откако градоначалниците од Српската листа поднесоа оставки на почетокот на ноември.
Вучиќ рече дека „луѓето од Запад“ создаваат „циркус“ затоа што мислат дека можат насилно „да ги натераат Србите да го засакаат независно Косово“ со тоа што ќе ги принудат да учествуваат на избори и со плаќање на одредени невладини организации и медиуми.
Тој додаде дека Србите сепак ќе преживеат на Косово и дека ќе продолжат да ја сакаат единствената земја што ја имаат, а тоа е Србија.
Претходно, високиот функционер на Стејт департментот Габриел Ескобар изјави дека САД ќе ги признаат изборите на северот на Косово.
Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер, на 21 април изјави за РСЕ дека меѓународната заедница силно ќе ги осуди напорите за попречување на спроведувањето на овие избори, преку заплашување или каква било закана или употреба на насилство.