Визната либерализација не важи за пасошите издадени од Координативната управа на Србија

илустрација, пасоши на Косово

Визната либерализација одобрена за Косово се однесува само на имателите на косовски пасоши, но не и на оние граѓани на Косово кои имаат пасоши издадени од српските власти, потврдија претставници на Европската комисија (ЕК).

„Косовските Срби, носители на српски пасоши издадени од Директоратот за координација на Србија, во моментов немаат корист од српскиот безвизен режим со ЕУ“, вели во писмената реакција Анита Хипер, портпаролка на Европската комисија.

Откако Европскиот парламент на 18 април ја усвои одлуката за визна либерализација за Косово, врз основа на која косовските граѓани ќе можат слободно да патуваат во земјите од Шенген зоната од 1 јануари 2024 година, визниот режим останува да важи само за оние државјани на Косово на кои им се издаваат пасоши од Координативната управа на Министерството за внатрешни работи на Република Србија.

Кога во декември 2009 година беше укинат визниот режим за Србија, Србите во Косово беа ослободени од визна либерализација. Сепак, од Европската комисија велат дека работат на тоа сите граѓани од регионот да уживаат слобода на движење во земјите од Западна Европа.

„Како што одиме напред кон либерализацијата на визниот режим за Косово, ЕУ е решена да обезбеди сите граѓани од Западен Балкан да бидат вклучени во безвизниот режим на ЕУ, под услов да има услови за безбедно патување“, вели портпаролката Хипер во писмен одговор.

И известувачот за визи во Европскиот парламент, Тијс Ројтен, по потпишувањето на правниот акт за визна либерализација, на 19 април појасни дека укинувањето на визниот режим се однесува само на косовските пасоши.

Видете и ова: И по визната либерализација, Шпанија ќе бара визи за косовските граѓани

„Законодавството е формулирано многу внимателно, ништо повеќе, ништо помалку: граѓаните на Косово со документ издаден од косовските власти можат слободно да патуваат“, рече Тијс Ројтен на 19 април во Стразбур.

На државјаните на Србија со адреса на живеење во Косово, пасошите им ги издава Координативната управа, која функционира под Министерството за внатрешни работи во таа земја. Пред тоа, граѓаните на Србија кои живеат на Косово ги добиваа своите пасоши од полициските управи, кои официјален Белград ги пресели во градовите во Србија по војната во Косово.

Косово не ги признава таквите пасоши бидејќи смета дека тие се издадени од „незаконски паралелни институции“.