Полска го обнови транзитот на жито од Украина

илустрација

Полска денеска го обнови транзитот на жито од Украина, кој го забрани пред неколку дена.

Транзитот на украинските житарки е обновен со посебни мерки - запечатени камиони и вагони, опремени со ГПС-тракери, а забраната за увоз на голем број земјоделски производи, од жита до месо и јајца до мед, останува на сила до крај на јуни.

Житариците од Украина можат да влезат во Полска само ако нивната дестинација е граничен премин во земјите членки на Европската унија или некое од балтичките пристаништа каде што ќе бидат товарени на бродови и транспортирани, што е целта на „солидарниот коридор“, до земјите од Блискиот Исток и Африка.

Според новите прописи кои стапија на сила, житото првично ќе се транспортира во конвои со придружба за да се осигураат домашните цариници дека житото нема да биде тајно истоварено некаде во Полска.

Видете и ова: Украина бара повторно отворање на транзитот на храна преку Полска

Украинските житарки, пилешко и јајца, откако ЕУ ги укина тарифите за да и помогне на земјата разурната од војна и воведе солидарни коридори поради руската блокада на украинските пристаништа на Црното Море, ги преплавија пазарите членки на ЕУ по дампинг цени, а Полска, Унгарија, Словачка и Бугарија решија со забрана за увоз и транзит на украински земјоделски производи да ги заштитат своите земјоделци.

На крајот, Европската комисија, која подготвува превентивни мерки за да го спречи увозот на украински житарки на пазарот на ЕУ, реагираше со задоцнување, иако предупреди дека едностраните потези на националните влади се неприфатливи, бидејќи единствениот пазар е под јурисдикција на Брисел.

ЕК додели 100 милиони евра како компензација за земјоделците од неколку земји на границата со Украина кои не можат да ја продадат својата жетва, а немаат каде да ја складираат бидејќи силосите се полни со украинско жито од кое профитираат само европските препродавачи.