Бљерим Османи е именуван за нов организациски директор на Клиничката болница во Тетово, откако министерот за здравство Фатмир Меџити го разреши досегашниот организациски директор Арменд Фазљиу по случувањата со анестезиологот, вработен во оваа болница кој на социјалната мрежа Тикток објави видео во живо од персоналот и пациентите на тетовската Гинекологија.
Османи за неговото именување соопшти на својот Фејсбук профил, и порача дека со работа и посветеност ќе го даде најдоброто од себе.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити за разрешувањето на досегашниот организациски директор рече дека е поради тоа што болницата го толерирала анестиозологот и покрај тоа што снимањето на Тик Ток не му бил прв прекршок.
Анестезиологот доби притвор во траење од осум дена, откако Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против обвинетиот за кривични дела „несовесно работење во службата“, како и „неовластено снимање“ според чл.152 ст.2 од Кривичниот законик.