Претставници на организацијата„Студентски отпор“ денеска имале средба со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на која искажале несогласување со предлогот за измена на Законот за субвенциониран студентски оброк за зголемување на дневниот износ од 120 на 140 денари и бараат субвенцијата да биде 160 денари како што предложи опозициската пратеничка група.
„Како претставници на студентите и младите ги изложивме нашите ставови кои подразбираат целосно несогласување со предлогот на владејачкото мнозинство. Нашите изложени барања се следните: студентскиот оброк да биде 160 денари на ден, официјално известување за предлогот за картичен систем за исплата на студентскиот оброк; подобрување на условите во студентските домови и повик за остварување средба со претставници од сите пратенички групи“, информира „Студентски отпор“.
Во допис до медиумите оваа организација апелира на транспарентност од сите засегнати страни со цел, како што наведува, „студентите да го добијат она што со право го заслужуваат“.
На седница на Собранието вчера беше усвоен заклучок по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк, поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство Моника Зајкова, Санела Шкријел, Боби Мојсовски, Даниела Николовска и Жаклина Лазаревска.
Пратеничката Зајкова образложувајќи го предлогот рече дека со него се предвидува да се зголеми дневниот износ на оваа субвенција и можност освен од понеделник до сабота, таа да важи и на верски празници што значи, рече Зајкова, дека месечниот износ ќе биде поголем од сега. Посочи дека се предвидува износот на субвенцијата да се усогласува со инфлациската стапка по секоја фискална година.
Студентите протестираа во два наврати незадоволни од тоа што не се инвестира во студентскиот стандард и во квалитетот на образованието.