Ескобар: До 2 мај очекуваме предлог од Косово за Заедница на општини

Илустрација - Фотографија од Ескобар за време на снимањето на интервју за балканскиот сервис на Радио Слободна Европа

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, очекува предлогот на косовската Влада за Заедница на општини со српско мнозинство да го има до 2 мај, кога ќе се сретнат лидерите на Косово и Србија во Брисел.

„Се надевам дека до 2 мај ќе има изводлив нацрт“, рече Ескобар во интервју за албанскиот сервис на Гласот на Америка.

Заменик-помошникот државен секретар за Јужна и Централна Европа рече дека има напредок во однос на прашањето за заедницата и, како што наведе, „голема еволуција во односот на Владата на Косово, особено на премиерот Албин Курти, да прифати оваа законска обврска“.

Видете и ова: Хил – И јас се прашувам зошто не е формирана Заедницата на општини со српско мнозинство

„Тоа е постоечка обврска, според Бриселскиот договор, што беше многу тешко за владата, а особено за таа партија, да го прифатат како обврзувачки, но сега зборуваат за тоа како обврска. Тие се согласија на тоа и јавно кажа која рамка и кои треба да бидат параметрите за формирање на заедницата и ние се согласуваме со тие параметри“, рече Ескобар.

Висок претставник на Стејт департментот истакна дека САД ќе ги признаат изборите во недела во северно Косово, дури и ако Српската листа ги бојкотира, велејќи дека „бојкотот не ги дефинира изборите“.