Во полицискиот тренинг центар во Ѓорче Петров, денеска, со свечена церемонија, официјално почна Заедничката операција на Фронтекс во Северна Македонија.
Заедничката операција со Фронтекс ќе трае до 24 јануари 2024 година, со можност за нејзино продолжување, а има за цел поддршка на националните служби во граничната контрола и управувањето со миграциите, вклучувајќи ги и превенцијата, откривањето и спречувањето на прекуграничниот криминал, прибирањето и размената на оперативни информации и идентификувањето на можни ризици и закани, јакнење на оперативната соработка и поддршка на оперативните капацитети. Планирано е во текот на 2023 година Фронтекс да распореди повеќе од 100 службеници, патролни возила и специјална опрема со што значително ќе се зголемат капацитетите за откривање на илегалните активности долж државната граница.
На свеченоста присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, извршниот директор на Фронтекс Ханс Лејтенс, амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир и Лена Дупонт – член на Европскиот Парламент и известувач за Договорот за статус помеѓу ЕУ и Република Северна Македонија.
„Вицепремиерот Бојан Маричиќ тоа што го зборуваше лани во јули заедно со мене, заедно со министерот за надворешни работи, се потврди дека било вистина и дека договорот Фронтекс и ќе биде потпишан и ќе биде имплементиран. Останува на оние кои што критикуваа, кои што фрлаа молотови коктели врз собранието, врз Владата, врз МНР да им се извинат. Со потпишувањето на Договорот со Фронтекс и неговата ратификација, статусот на македонскиот стандарден јазик се издигнува на рамноправно рамниште со сите други јазици кои се зборуваат во ЕУ, а нашата култура, јазик и идентитет, се признати и препознаени и во меѓународни рамки“, рече премиерот Ковачевски на првиот ден од операцијата на ФРОНТЕКС.
Договорот за ФРОНТЕКС беше потпишан на 26 октомври 2022 година во Скопје за време на посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и е прв ваков договор помеѓу ЕК и Република Северна Македонија на македонски јазик. Договорот отвора можност за воспоставување заеднички операции на европската Агенцијата за гранична и крајбрежна стража на територијата на Република Северна Македонија.