Од Гевгелија до Индија
МАКЕДОНИЈА - Македонски полицаец на 19 април застрелал мигрантка кај Касарната Гевгелија откако криумчари го нападнале полицаецот во обид да му го одземат пиштолот, соопштија од МВР.
МАКЕДОНИЈА - Нема горна граница колку часа неделно ќе работат работниците кои ќе бидат ангажирани од конзорциумот „Бехтел и Енка“ кои ќе ги градат коридорите 8 и 10-д изјави денеска на 19 април министерската за труд и социјална политика Јована Тренчевска во интервју за ТВ Телма.
МАКЕДОНИЈА - Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите е скандалозен по стотина основи, тврди лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по отворањето на штаб на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје.
КОСОВО - Во средата во Стразбур беше потпишан правниот акт на Европската унија (ЕУ) за либерализација на визите за Косово, по што останува само одлуката за безвизниот режим за косовските граѓани да биде објавена во Службен весник по што стапува на сила на 1 јануари 2024 година.
САД - Еден од најголемите американски медиуми „Фокс Њуз“, се спогоди и согласи да ѝ исплати 787,5 милиони долари на компанијата Доминион, која што ги обезбедува и одржува системите за електронско гласање во САД. Случајот беше разрешен пред почетокот на судскиот процес со спогодба.
БУГАРИЈА - Бугарија на 19 април објави дека привремено ќе го забрани увозот на жито, млеко, месо и други прехранбени производи од Украина, по чекорите на другите земји-членки на Европската унија, Полска, Унгарија и Словачка.
ЕУ / МАКЕДОНИЈА - Борбата против корупцијата заедно со другите елементи на јакнење на владеењето на правото е во сржта на процесот на проширување на ЕУ и бара посветеност од земјата во целост. Иако забележуваме одреден напредок, чекорот на реформите во областите на владеење на правото и борбата против корупцијата останува разочарувачки. Ова го изјави денеска шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир на денешниот состанок на кој заедно со вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.
МАКЕДОНИЈА - Според соопштението на Министерството за правда, во работната група за уставни измени ќе членуваат поранешниот претседател на Уставниот суд Сали Мурати и неговиот колега Бранко Наумовски, поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца Николовска, поранешниот уставен судија и професор по уставно право Бајрам Положани. Меѓу експертите на списокот се и професорите Јетон Шасивари, Ана Чупеска, Елена Михајлова Стратилати, Беса Арифи, Јагода Митревска и Марија Пандевска.
СУДАН - Се интензивираа воздушните напади врз цели во суданскиот главен град Картум, јавува германската новинска агенција ДПА. До ова дојде откако обидот да се воспостави 24-часовен прекин на огнот не успеа. Денеска е петти ден од почетокот на борбите меѓу ривалските војски.
МАКЕДОНИЈА - Јас добив непотврдена информација за претходно несовесно однесување на лекарот од Тетово, но немаше ништо запишано и претходно не била покрената никаква постапка, дисциплинска или каква било друга, изјави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити. Тој во одговор на новинарско прашање околу одговорноста на анестезиологот од Тетово кој е осомничен дека снимал пациенти на Тик Ток, министерот посочи дека за овој случај ќе се постапува и понатаму, вклучително и во однос на извештајот од Лекарската комора.
ГРЦИЈА - Збир на итни, краткорочни и среднорочни мерки за безбедно, уредно и ефикасно функционирање на железничкиот транспорт во Грција, предлага Експертската комисија за железничката несреќа кај Темпи при која на 28 февруари годинава загинаа 57 лица.
ГЕРМАНИЈА - Германскиот синдикат на работниците во железницата и транспортот Е Фау Ге за в петок најави национален штрајк, а меѓу погодените превозници е и националниот железнички оператор Дојче Бан, јавува германската новинска агенција ДПА.
ИНДИЈА - Индија ќе ја престигне Кина како најнаселена земја во светот до средината на годината со речиси три милиони луѓе повеќе, покажаа проценките на ОН на 19 април. Населението на Индија ќе биде 1,4286 милијарди во споредба со 1,4257 милијарди на Кина на средината на годината, покажуваат податоците на Фондот за население на ОН.