Тренчевска- Допрва ќе се утврдува горна граница за работна недела за работниците на Коридорите 8 и 10- д

Архивска фотографија Министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска

Нема горна граница колку часа неделно ќе работат работниците кои ќе бидат ангажирани од конзорциумот „Бехтел и Енка“ кои ќе ги градат коридорите 8 и 10-д изјави денеска на 19 април министерската за труд и социјална политика Јована Тренчевска во интервју за ТВ Телма. Таа посочува дека предлогот што е доставен во Собранието не ја утврдува горната граница и за тоа разговарале со предлагачите на законот за да се утврди горната граница, како што вели, да се знае колку најмногу може. Таа истакна дека зависно од процесот на работа и од временските услови во кои работат лицата, работното време ќе биде различно и затоа е побарано да биде прекувремена работа повеќе од 8 часа, но тоа не значи дека прекувремената работа ќе биде 60 часа.

„Не значи дека толку ќе биде работното време. Разговаравме и ќе видиме, уште ќе разговараме. Секако дека ќе донесеме закон со кој што ќе се штитат правата на работниците, меѓутоа на оној работник кој сака да работи прекувремено, да му биде платено прекувремено, а сепак да биде во рамките на законот“ вели таа.

За тоа работнците ќе потпишуваат работни договори според кои сами ќе одлучуваат дали ќе работат дополнителни часови кои ќе им бидат платени, објаснува министерката.

„ Ако сакаме брзо да градиме, ако сакаме да изградиме за пократок временски период, треба да има прекувремена работа“ вели таа.

Таа додава дека прекувремената работа ќе биде платена и со писмена согласност од работникот. Во Собранието се поднесени измени на осум закони меѓу кои и на законот за работни односи со кој е предвидено да се овозможи 60 часовна работна недела за работниците на коридорите 8 и 10-д.

Опозициската Левица поднесе над илјада амандмани со што се блокира работата на собраниската комисија каде што треба да се разгледуваат измените на законите.

Видете и ова: Таен договор за јавни автопатишта


Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми вели дека не се работи за одредби од законот кои се неуставни, бидејќи биле консултирани експерти.

„Проектот ќе се реализира со или без овие закони бидејќи сите овие закони се во согласност со специјалниот закон кој е донесен од страна на Собранието повеќе месеци наназад или повеќе од една година“, вели Арбр Адеми.

Според предложените измени во Собранието, покрај Законот за работни односи, експропријација, и за заштита на културното наследство, ќе се менуваат законите за земјоделско земјиште, урбанистичко планирање, минерални суровини, законите за шумите и за градење.