Фокс ќе му плати 787 милиони долари на Доминион поради лажни вести

Илустрација

Еден од најголемите американски медиуми „Фокс Њуз“, се спогоди и согласи да ѝ исплати 787,5 милиони долари на компанијата Доминион, која што ги обезбедува и одржува системите за електронско гласање во САД. Случајот беше разрешен пред почетокот на судскиот процес со спогодба.

Компанијата Доминион покрена тужба против „Фокс њуз“ и нејзината матична компанија, за уништување на бизнисот на компанијата со објавување, како што велат, лажни тврдења дека нивните машини биле користени за манипулирање со резултатите од претседателските избори во САД во 2020 година во корист на демократот Џо Бајден и против тогашниот претседател, републиканецот Доналд Трамп, јавува новинската агенција Ројтерс.

„Вистината е важна. Лагите имаат последици“, рече адвокатот на Доминион, Џастин Нелсон, откако судијата го објави договорот.

Видете и ова: Мајк Помпео стана соработник на „Фокс њуз“

Доминион побара 1,6 милијарди долари тврдејќи дека Фокс ја нарушила нејзината репутација помагајќи да распростране лажни теории на заговор за нејзините гласачки машини.

„Фокс њуз“ во соопштението до медиумите рече дека ги признава одлуките на судот кои сметаат дека „одредени тврдења за Доминион се лажни“.

Но, медиумскиот гигант сè уште се соочува со тужба од 2,7 милијарди долари од друга компанија која се занимава со технологија во процесот на гласање поради начинот на кој овој медиум го промовираше наративот за местење на изборите во САД.