Бугарија воведе привремена забрана за украински житарки и прехранбени

Илустрација

Илустрација

Бугарија на 19 април објави дека привремено ќе го забрани увозот на жито, млеко, месо и други прехранбени производи од Украина, по чекорите на другите земји-членки на Европската унија, Полска, Унгарија и Словачка.

Забраната што ја објавија министерот за земјоделство Јавор Гечев и министерот за економија Никола Стојанов на прес-конференција во Софија, ќе стапи на сила на 24 април и ќе трае до 30 јуни.

Забраната ќе влијае на речиси 20 украински производи и меѓу другото вклучува пченица, пченично брашно, сончоглед, мед, сурово и суво млеко, јајца, живина, свинско, овчо и козјо месо, вино и етил алкохол.

Транзитот на стока од Украина наменета за трети земји преку територијата на Бугарија останува дозволен, соопштија двајцата министри.Во меѓувреме, унгарската влада на 19 април објави дека ја проширува привремената забрана за увоз на украински земјоделски производи за да вклучи мед, вино, леб, шеќер и низа производи од месо и зеленчук.

Видете и ова: Унгарија ја проширува забраната за увоз на храна од Украина

Проширената листа на производи што треба да се забранат беше објавена со владин декрет откако Будимпешта претходно објави забрана за увоз на жито, маслодајни семиња и неколку други производи во чекор со Полска и Словачка.
Забраната за жито и други украински прехранбени производи дојде откако падот на цените предизвика протести од локалните фармери во неколку земји на ЕУ.

На 17 април, висок функционер на ЕУ објави дека претставниците на земјите-членки во Брисел ќе разговараат за забраните оваа недела. Официјалниот претставник, кој сакаше да остане анонимен, рече дека ниските глобални цени и побарувачка значат дека житото останува во ЕУ наместо да се продава, додавајќи дека ова прашање било покренато на последниот самит на националните лидери на ЕУ, вклучително и од Словачка и Романија.

Романските власти ќе воведат контрола и на граничните премини со Украина, но засега нема да го забранат увозот, соопшти романското Министерство за земјоделство.