Гир- Напредокот во реформите за владеење на право и борба против корупција останува разочарувачки

Борбата против корупцијата заедно со другите елементи на јакнење на владеењето на правото е во сржта на процесот на проширување на ЕУ и бара посветеност од земјата во целост. Иако забележуваме одреден напредок, чекорот на реформите во областите на владеење на правото и борбата против корупцијата останува разочарувачки. Ова го изјави денеска шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир на денешниот состанок на кој заедно со вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.

Тој по разгледувањето на напредокот во исполнувањето на препораките на Европската комисија во борбата против корупцијата изјави дека досега малку е постигнато на тој план.

„ДКСК и Државниот завод за ревизија вршат важна работа, но на препораките од овие тела во конкретни случаи често не се постапува. Исто така, и нивото на имплементација на Националната стратегија за борба против корупција останува незадоволителна и претставува само 10 проценти според минатогодишниот извештај на ДКСК. Во оваа Стратегија има јасни и прецизни задачи за секоја институција присутна на состанокот“, изјави Гир.

Видете и ова: Институциите собираат докази, а Груби собира функции

Тој посочи дека трансформирањето на, како што вели, добрите намери во дела бара напорна заедничка работа и соработка. Гир потсети дека за промени се потребни засилени напори на Владата, на министерствата, на општините и државните институции за постапување согласно тие препораки.

„Но, Парламентот исто така има своја улога. Фактот дека се уште не е разгледан Извештајот за имплементација на Националната стратегија за борба против корупција на ДКСК за 2021 година е обесхрабрувачки“, рече Гир.

Според него, потребен е напредок во јакнење на антикорупциската законска рамка и во таа насока Владата, опозицијата и Парламентот, мора да работат заедно.

„Темелно спроведување на антикорупциската рамка е исто така важна. Консолидацијата на досието за проактивно истражување, гонење и конечни пресуди во борбата против корупцијата на сите нивоа и против сериозниот и организиран криминал мора да биде клучна цел на земјата на нејзиниот европски пат, особено сега кога некои важни судски предмети се соочуваат со застарување“, рече евроамбасадорот Гир.

Видете и ова: Корупциски афери за политички маркетинг


Тој нагласи дека судството има клучна улога во борбата против корупцијата и затоа треба да биде независно и професионално, а судиите и обвинителите да делуваат со интегритет ослободени од политички влијанија или финансиски стимулации.

„ЕУ и нејзините земји членки инвестираа многу за поддршка на владеењето на правото и борбата против корупцијата во земјава. Навистина, сега е време Северна Македонија и нејзините институции да испорачаат понатамошни конкретни опипливи резултати, пред се заради граѓаните, но и заради напредок на патот кон ЕУ,“ порача евроамбасадорот Дејвид Гир.

Антикорупциската комисија минатата недела го презентираше извештајот за мерките и активностите согласно нациналната стратегија за борба против корупцијата кои минатата година од кои беа рализирани само 10 отсто. Во Националната стратегија се детектирани 54 проблеми и предвидени се 111 мерки и 191 активност кои треба да ја првземат државните институции.