Поранешни уставни судии и професори дел од работната група за уставни измени

Министерство за правда

Поранешни уставни судии и професори се дел од членовите на работната група која ќе има задача за утврдување на уставните амандмани. Внесување на Бугарите во Преамбулата е услов за продолжување на преговорите со Европската Унија по завршувањето на процесот со скринингот, за кој е неопходно двотретинско мнозинство во Собранието.

Според соопштението на Министерството за правда во работната група ќе членуваат поранешниот претседател на Уставниот суд Сали Мурати и неговиот колега Бранко Наумовски, поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца Николовска, поранешниот уставен судија и професор по уставно право Бајрам Положани.

Меѓу експертите на списокот се и професорите Јетон Шасивари, Ана Чупеска, Елена Михајлова Стратилати, Беса Арифи, Јагода Митревска и Марија Пандевска.

„Списокот на работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други членови кои ќе дадат свој придонес во подготовката на уставните измени“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Ковачевски - Изговори од трето одделение на опозицијата не поминуваат

Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието.Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови, е посочено во соопштението.

Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав не се само бугарско барање, туку е дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, односно се услов поставен од Европската унија. До ноември трае скринингот од ЕУ, а власта се надева дека ќе може да ги направи уставните измени до тогаш за веднаш да почне отворањето на поглавјата во преговорите со Унијата.

Опозициската ВМРО- ДПМНЕ засега јавно вели дека нема да учествува во работната група за измени на Уставот, и дека пратениците нема да ги поддржат во Собранието.