Ковачевски - Изговори од трето одделение на опозицијата не поминуваат

Опозицијата нека ги донесе сите предлози за уставните измени во работната група која ја формира Министерството за правда и таму да дебатира. Ова го изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на прашањето дали за него е прифатлив предлогот на универзитетскиот професор по уставно право и поранешен пратеник од ВМРО- ДПМНЕ Александар Спасеновски за промена на државниот грб.

Спасеновски вчера во интервју за ТВ Сител изјави дека можеби враќањето на старата дебата од 2014 – 2015 година за менување на актуелниот државен грб е еден од начините како да се овозможи дискусија со опозицијата за да се обезбеди нејзина согласност околу текстот на уставните измени.

Внесување на Бугарите во Преамбулата е услов за продолжување на преговорите со Европската Унија по завршувањето на процесот со скринингот, за кој е неопходно двотретинско мнозинство во Собранието.

Ковачевски изјави дека ставовите на опозицијата дневно се менуваат, прво беше хрватски модел, сега промена на државен грб, а место за таа дебата е во работната група.

„Еве јас ќе ве прашам, дали има легитимитет нашето членство во НАТО? Има. Опозицијата не го поддржи. Така што ќе станеме членка на ЕУ и јас се надевам дека опозицијата еднаш нешто ќе поддржи. Јас се надевам дека опозицијата еднаш нешто ќе поддржи. Опозицијата не го поддржа ни договорот Фронтекст кој што утре почнува имплементација, каде што за прв пат имаме македонски јазик заедно со сите други јазици на Европската Унија. Опозицијата ни тоа не го поддржа. Кажа дека биле на пауза во Собрание. Сите биле внатре, они биле на пуза, не слушнале кога ѕвонело ѕвончето. Така да, такви изговори од трето одделение не поминуваат. Тој договор има легитимитет бидејќи го изгласало Собранието и го усвоила ЕУ,“ изјави Ковачевски.

Видете и ова: Предлозите за уставни измени без обединет фронт на власта и опозицијата

На 3 април од Министерството за правда најавија дека наскоро ќе се формира работната група, но оти ВМРО-ДПМНЕ одбива да номинира свој претставник. Од опозициската партија, рекоа тогаш од Правда, немало никаков одговор – ниту позитивен ниту негативен. За ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ од Министерството за правда тогаш рекоа дека ги известиле сите меѓународни фактори и организации.

Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав не се само бугарско барање, туку е дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, односно се услов поставен од Европската унија. До ноември трае скринингот од ЕУ, а власта се надева дека ќе може да ги направи уставните измени до тогаш за веднаш да почне отворањето на поглавјата во преговорите со Унијата.