Од Путин до Судан

УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги посети украинските сили во близина на линијата на фронтот во источниот регион Доњецк, извести неговиот кабинет, неколку часа откако Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин ги посетил делумно окупираните украински региони Херсон и Луганск.

БУГАРИЈА - Двете коалиции во Бугарија, кои имаа најмногу освоени гласови на предвремените парламентарни избори од 2 април, „ГЕРБ-СДС„ и „Промените продолжуваат - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) се договорија Росен Желјазков од ГЕРБ-СДС да биде избран за претседател на 49. Народно собрание, соопшти попладнево Десислава Атанасова од ГЕРБ-СДС на брифинг во бугарскиот Парламент. Николај Денков од ПП-ДБ рече дека очекува Желјазков да биде изгласан утре.

СУДАН - Завојуваните команданти во Судан договорија 24-часовен прекин на огнот од вечерва, соопшти војската, по разговорите со американскиот државен секретар Ентони Блинкен поради жестоките борби во Картум во кои беше нападнат американски дипломатски конвој.

НОРВЕШКА - Норвешка протерува 15 вработени во руската амбасада во Осло, обвинувајќи ги дека се „разузнавачи кои дејствуваат под закрила на дипломатски позиции“.

ШВЕДСКА - Шведското јавно радио (СР) денеска соопшти дека ги суспендира активностите на Твитер откако слични решенија беа донесени во САД и Канада поради контроверзните одлуки на социјалната мрежа во сопственост на Илон Маск.

САД - Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил денеска изјави дека формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО) на Косово мора да биде клучен елемент во спроведувањето на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

РУСИЈА - Судот во Москва денеска одлучи американскиот новинар Еван Гершкович, кој беше уапсен за шпионажа, да остане во притворот во Лефертово до 29 мај. Руските власти го уапсија 32-годишниот Гершкович во градот Екатеринбург, источно од Москва. Тој работеше за американскиот весник Вол Стрит Журнал, а обвинет е за шпионажа.

СЛОВАЧКА - Словачка ги испорача своите 13-те авиони ловци МиГ-29 во Украина, потврди словачкото Министерство за одбрана, а Братислава доби попуст за купување американски хеликоптери како награда за овој потег.

ЈАПОНИЈА - Министрите за надворешни работи од седумте најразвиени земји (Г7) ги осудија неодамнешните најави на Русија за стационирање нуклеарно оружје во Белорусија како „неприфатливи“. Тие ја повикаа Кина на дејствува како одговорен член на меѓународната заедница во однос на Тајван.

ПАКИСТАН - Во одрон на земјиште кое рано утринава затрупа 20-тина камиони на автопат во северозападен Пакистан загинаа две лица, а осуммина се повредени, соопштија полицијата и службите за спасување.

УКРАИНА - Рускиот претседател Владимир Путин присуствуваше на состанокот на воената команда во украинскиот јужен регион Херсон, кој делумно е под руска контрола, соопшти денеска Кремљ. Во соопштението не е наведено кога Путин присуствувал на состанокот на воената команда.