Двете коалиции во Бугарија, кои имаа најмногу освоени гласови на предвремените парламентарни избори од 2 април, „ГЕРБ-СДС„ и „Промените продолжуваат - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) се договорија Росен Желјазков од ГЕРБ-СДС да биде избран за претседател на 49. Народно собрание, соопшти попладнево Десислава Атанасова од ГЕРБ-СДС на брифинг во бугарскиот Парламент. Николај Денков од ПП-ДБ рече дека очекува Желјазков да биде изгласан утре.
Двете политички коалиции договорија заедничка законодавна програма, како и изборот на претседателот на Народното собрание и правната комисија да биде врз ротациски принцип.
Видете и ова: Избори во Бугарија - Тесно водство на БорисовКоалицијата ПП-ДБ треба да предложи претседател на Комисијата за правни работи.
Изборот на претседател на Народното собрание и претседателот на Комисијата за правни прашања може да биде на ротациска основа, под услов Собранието да работи повеќе од три месеци, бидејќи тоа е терминот што го прецизиравме за ротирачкото претседателство, посочи Атанасова.
Таа рече дека се работи за џентлменски договор меѓу двете најголеми политички сили.
Со изборот на претседател на Собранието може да почне постапка претседателот Румен Радев да го додели мандатот за состав на нова влада на Бугарија.
На почетокот на месецов во Бугарија се одржаа петти по ред парламентарни избори за две години. Резултатот повторно беше тесен, со мало водство на ГЕРБ. Бугарија е управувана претежно од привремени влади назначени од претседателот Румен Радев, откако гневот на јавноста поради долгогодишната корупција резултираше во масовни протести во 2020 година по кои падна владата на Бојко Борисов. Оттогаш ниедна партија не може да формира стабилно мнозинство за да владее и се распишуваат предвремени избори.