Министрите за надворешни работи од седумте најразвиени земји (Г7) ги осудија неодамнешните најави на Русија за стационирање нуклеарно оружје во Белорусија како „неприфатливи“. Тие ја повикаа Кина на дејствува како одговорен член на меѓународната заедница во однос на Тајван.
По завршувањето на тридневниот состанок во јапонското летувалиште Каруизава, во денешната објава министрите нагласуваат дека руската воена интервенција во Украина и стравот од слични акции на Кина против Тајван биле во центарот на нивното внимание.
„Руската неодговорна нуклеарна реторика и нејзините закани за распоредување на нуклеарно оружје во Белорусија се неприфатливи“, порачаа тие.
Видете и ова: Западот едногласен во поддршката за УкраинаСекоја руска употреба на хемиско, биолошко или нуклеарно оружје би била соочена со тешки последици, предупредија тие.
Рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец изјави дека Русија ќе стационира таканаречено тактичко нуклеарно оружје со краток дострел на територијата на соседна Белорусија. Москва тврди дека на овој потег е принудена поради ширењето на НАТО сојузот кон руските граници.
Министрите за надворешни работи од Г7 го повторија својот повик Кина да дејствува како одговорна членка на меѓународната заедница, сложувајќи се дека мирот и сигурноста во Тајванскиот Теснец се клучни и спротивставувајќи се на милитаризацијата на Јужното Кинеско Море.
Состанокот се одржа пред самитот на лидерите на Г7 во Хирошима, планиран за мај.
Освен Јапонија, членки на Г7 се и Обединетото Кралство, Канада, Франција, Германија, Италија и Соединетите Американски Држави.
Видете и ова: Шефовите за финансии на Г20 со различни ставови за долговите и војната во Украина