Јавната радиотелевизија на Канада (ЦБЦ) престана да објавува содржини на социјалната мрежа Твитер откако беше означена како медиум финансиран од власта.
Нејзината Твитер сметка во понеделникот беше означена како медиум кој прима „69 отсто од средства од владата“, а претходно пишуваше дека прима 70 отсто од средствата од владата.
Сопственикот на Твитер Елон Маск објасни дека ЦБЦ соопштила дека владата го финансира помалку од 70 отсто, па ја „поправиле ознаката“.
ЦБЦ соопшти дека ќе ги суспендира своите активности на Твитер поради ознаката, а спорот го привлече вниманието на канадскиот премиер Џастин Трудо и на неговиот конзервативен ривал Пјер Поалиевр.
Видете и ова: Интеграцијата во ЕУ заложник на руските дезинформацииВо неделата, некои содржини на ЦБЦ на Твитер почнаа да ја носат ознаката „медиуми финансирани од владата“.
ЦБЦ одговори дека не го финансира владата, туку дека „се финансира јавно преку парламентарни издвојувања за кои гласаат сите претставници во парламентот“.
„Нашето новинарство е непристрасно и независно. Да се сугерира спротивното е невистинито. Затоа ги паузираме нашите активности на Твитер“, соопшти ЦБЦ во понеделникот.
Телевизијата исто така соопшти дека огласувањето помага во покривањето на трошоците на сите платформи.
Претходно во понеделникот, Трудо го обвини Поалиевр дека го ангажирал американскиот милијардер да ја нападне канадската јавна радиодифузија, откако Поалиевр го поттикна Маск да ја означи ЦБЦ дека го „финансира владата“.
Поалиевр минатата недела на Твитер напиша дека му пишал на Маск, со барање ЦБЦ да се означи „точно“.
Поалиевр, кој ја презеде партијата минатата година и води кампања за прекин на финансирањето на ЦБЦ, ја прослави одлуката. Тој на Твитер напиша дека „сега луѓето знаат дека тоа е пропаганда на Трудо, а не вест“.
„Нападот на оваа канадска институција, нападот на културата и локалните содржини кои се толку важни за многу Канаѓани, навистина укажува на вредностите и пристапот кој господинот Поалиевр ги има“, изјави Трудо.
Малцинската влада на Трудо ја поддржуваат левичарските Нови демократи, а изборите се очекуваат дури во 2025 година.
Минатата недела, американската медиумска куќа Национално јавно радио (НПР), соопшти дека веќе нема да објавува содржини на своите 52 официјални канали на Твитер во знак на протест поради ознаката која сугерира дека властите се вклучени во содржината.