Хунтата во Мјанмар ослободи околу 3.000 затвореници

Воена патрола за време на Новогодишниот фестивал на вода, Јангон, април 2023 година.

Мјанмарската хунта денеска ослободи 3.113 затвореници, меѓу кои 98 странци, по повод традиционалната новогодишна прослава во земјата, објави владата.

Од државниот удар во 2021 година, воената влада брутално ги задушуваше протестите и приведе илјадници противници и продемократски активисти.

Државниот секретар на хунтата, генерал-полковник Аунг Лин Две, во објава на воените канали на апликацијата „Телеграм“ рече дека амнестијата е „прослава на Новата година во Мјанмар за да се донесе радост на луѓето“.

Видете и ова: Армијата бомбардираше село во Мјанмар, најмалку 50 жртви

Денеска не можеше да се контактира со портпаролот на хунтата, па не е јасно на кого се однесува помилувањето.

Соборената лидерка Аунг Сан Су Чи, нобеловка која ја претставуваше опозицијата на военото владеење, отслужува 33 години затвор по маратонското судење кое меѓународната заедница го нарече лажно. Хунтата, исто така, приведе и други членови на цивилната влада, откако ја презеде власта со воен удар во 2021 година.

Најмалку 17.000 луѓе се уште се во затвор, а хунтата убила 3.200 од нив, тврди активистичката група Асоцијација за помош на политички затвореници (ААПП).

Хунтата повремено ослободува затвореници, но овогодинешните и ланските бројки се значително помали од 2021 година, кога по повод овој будистички празник беа ослободени 23.000 луѓе.