Едностраната акција на земјите-членки на Европската унија кога станува збор за трговијата е неприфатлива, посочи портпаролот на Европската комисија откако Полска и Унгарија објавија забрана за увоз од соседна Украина за да го заштитат локалниот земјоделски сектор, пишува Ројтерс.
„Свесни сме за најавите од Полска и Унгарија во врска со забраната за увоз на жито и други земјоделски производи од Украина“, се вели во соопштението на портпаролот.
Тој додаде дека „во овој контекст, важно е да се нагласи дека трговската политика е исклучива надлежност на ЕУ и дека затоа едностраните дејства не се прифатливи“.
Забраната на Полска за увоз на украинско жито и друга храна ќе важи и за транзитот на овие производи низ земјата, изјави полскиот министер за развој и технологија Валдемар Буда.
Видете и ова: Полска забрани увоз на украинско житоПолска и Унгарија претходно соопштија дека одлучиле да го забранат увозот од соседна Украина за да го заштитат локалниот земјоделски сектор, откако евтините житарки и прехранбени производи од Украина ги намалија цените низ регионот.
Забраната на Полска стапи на сила во саботата.
Украинското Министерство за аграрна политика и храна соопшти дека полската забрана е во спротивност со постоечките билатерални договори за извоз и повика на разговори за решавање на проблемот.