Украина и Русија го одбележуваат Велигден со размена на затвореници

Украинските воени затвореници (заробеници) позираат за слика по размената, среде рускиот напад врз Украина, на непозната локација, Украина, во оваа фотографија објавена на 16 април 2023 година

Русија и Украина ја завршија операцијата за размена на затвореници што резултираше со враќање на 130 украински затвореници, напиша денеска на Телеграм Андриј Јермак, началникот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој не кажа колку Руси се ослободени во, како што рече, „големата велигденска размена“.

Претходно оваа недела, 106 руски затвореници беа разменети за 100 Украинци, објавија двете влади.

И покрај празникот Велигден, борбите продолжија во источна Украина, а украинската војска извести за десетици напади во изминатите 24 часа.

Видете и ова: Новинари потврдија дека повеќе од 20.000 Руси загинале во војната во Украина

Зеленски им го честиташе Велигден на православните верници во Украина, истакнувајќи дека по 417 дена војна со Русија, земјата ја задржува „непоколебливата вера“ во победата.

„Ние не само што чекаме и бараме, туку победуваме и самите ја создаваме оваа победа“, рече Зеленски во денешното видео-обраќање.

„Со сите сили се бориме за нашата земја и бараме помош од небесните сили“, посочи тој.

Во Москва, рускиот претседател Владимир Путин присуствуваше на велигденската литургија во московската катедрала Христос Спасителот со градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин и рускиот православен патријарх Кирил, кои и двајцата се отворени поддржувачи на руската инвазија врз Украина.

Путин ја пофали Руската православна црква за нејзината „активна посветеност на добротворни цели, како и за соочувањето со сериозните предизвици“, се вели во соопштението објавено од Кремљ.

Тој додаде дека Велигден „на верниците им дава надеж, ги поттикнува добрите мисли и постапки и служи за реафирмирање на високите морални идеали и вредности во општеството“.

Меѓународниот кривичен суд го обвини Путин за воени злосторства во Украина, вклучително и масовно депортирање на украински деца.

За време на богослужбата, патријархот Кирил ја опиша руската инвазија и војна, во која беа убиени десетици илјади луѓе, а милиони раселени, како „тажни настани што може да се опишат како внатрешен судир што сега се случува на нашата историска руска земја“.