Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на итни „ефективни безбедносни гаранции за Украина“, иако продолжуваат спасувачките операции по рускиот воздушен напад врз градот Славјанск во областа Доњецк, во кој загинаа најмалку 11 цивили.
Во своето видео обраќање во саботата вечерта, Зеленски рече дека имал 90-минутен телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој посочи дека и двајцата ги потврдиле „оние принципи што ја обединуваат целата наша антивоена коалиција“, вклучително и дека Русија мора да се повлече од целата украинска територија, дека мора да се применат сите точки од Повелбата на ОН и дека „ниту едно руско прекршување на меѓународното право не смее да се игнорира“.
„Безбедноста и мирот во меѓународните односи ќе бидат повторно воспоставени на такви принципи“, рече Зеленски.
Видете и ова: Украина: Борби беснеат во Бахмут, бројот на загинати во Славјанск се искачи на 11Тој ги повика лидерите на НАТО да ги продолжат „ефективните безбедносни гаранции за Украина“ пред самитот на НАТО во Вилнус во јули, како што рече, дури и пред Украина да се приклучи на алијансата.
Во септември Украина побара од Алијансата да разгледа забрзан пат до членство во тој воен сојуз.
Украинскиот министер за одбрана Олексеј Ресников, говорејќи на безбедносната конференција во Букурешт во саботата, ја повика меѓународната заедница да преземе „стратешка иницијатива и да биде подготвена да дејствува брзо и превентивно“ во случај на безбедносни закани.
Таквиот пристап, рече тој, „ќе биде најдобриот отрезнувачки фактор за секој агресор“.
Тој, исто така, повика на „систем на гаранции“ кој, како што рече, може да ја спречи „желбата на Руската Федерација да ги решава работите насилно“.
Во своето видео обраќање Зеленски истакна дека повеќе од 50 згради биле оштетени или уништени во воздушниот напад на Славјанск на 14 април и дека „се уште има тела“ под урнатините.
Една од жртвите е „момче родено во 2021 година“, рече тој. Најмалку 23 лица се наводно повредени во нападот.