Борби меѓу воените ривали за власт во Судан, убиени десетици борци и цивили

Чад над аеродромот во Картум, 15 април 2023 година.

Суданската војска денеска започна воздушни напади врз паравоена база во близина на главниот град Картум, во обид повторно да воспостави контрола врз земјата, откако во судирите еден ден претходно загинаа десетици борци и најмалку 56 цивили.

Војската доцна во саботата нападна база на владините паравоени сили за брза поддршка (РСФ) во градот Омдурман, кој граничи со главниот град Картум, изјавија очевидци.

Армијата и РСФ, за кои аналитичарите велат дека бројат 100.000 војници, се борат за власт додека политичките фракции преговараат за формирање преодна влада по воениот удар во 2021 година.

Денеска рано наутро, очевидец слушнал звук од тежок артилериски оган во Картум, Омдурман и блискиот Бахри, а пукање се слушнало и во градот Порт Судан на Црвеното Море, пишува Ројтерс.

Чад над суданскиот главен град Картум, 16 април 2023 година.

Суданскиот синдикат на лекари соопшти дека најмалку 56 цивили биле убиени, а 595 луѓе, вклучително и борци, се ранети од почетокот на борбите во саботата.

Загинаа и десетици воени лица, но точната бројка не се наведува поради недостиг на информации од болниците каде се пренесени овие жртви.

Лекарите претходно соопштија дека смртни случаи биле пријавени на аеродромот во Картум и Омдурман, како и западно од Картум во градовите Ниала, Ел Обеид и Ел Фашер.

Силите за брза поддршка тврдат дека ја зазеле претседателската палата, резиденцијата на воениот командант, државната телевизија и аеродромите во Картум, северниот град Мероу, Ел Фашер и државата Западен Дарфур.

Армијата ги отфрли овие наводи на РСФ.

Воздухопловните сили на Судан им рекоа на луѓето да останат во затворени простории додека спроведуваат, како што се нарекуваат, воздушни истражувања на активностите на РСФ.

Во државата Картум, една од 18-те држави на Судан, во недела е прогласен празник. Училиштата, банките и владините канцеларии се затворени.

Престрелки и експлозии можеа да се слушнат низ главниот град. Телевизиските снимки покажаа дека чад се издига од неколку области, а видеата на социјалните мрежи покажаа воени авиони како летаат ниско над градот, од кои барем еден се чини дека истрелува проектил.

Репортерот на Ројтерс објави топови и оклопни возила на улиците и оган од тешко оружје во близина на штабот и војската и Силите за брза поддршка.

Армискиот началник генерал Абдел Фатах ел Бурхан изјави за телевизијата Ал Џезира дека РСФ треба да се откаже.

„Сметаме дека ако се мудри, ќе ги вратат своите трупи што влегоа во Картум. Но, ако вака продолжи, ќе мораме да распоредиме војници од другите земји во регионот во Картум“, рече Ел-Бурхан.

Вооружените сили рекоа дека нема да преговараат со Силите за брза поддршка доколку не бидат распуштени.

Началникот на суданската армија Абдел Фатах ел Бурхан (лево) и генералот на Силите за брза поддршка (РСФ) Мохамед Хамдан Дагло.

Шефот на силите за брза поддршка, генерал Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, го нарече Бурхан „криминалец“ и „лажго“.

„Знаеме каде се криете и ќе дојдеме до вас и ќе ве изведеме пред лицето на правдата или ќе умрете како секое друго куче“, рече Хемедти.

Постојаната конфронтација на највисоките воени функционери може да го втурне Судан во поширок конфликт, додека земјата се бори со економски колапс и племенско насилство.

Во позадината на конфликтот е борбата за моќ што ја делат највисоките лидери: генералот Ел-Бурхан и неговиот заменик Дагло, шеф на Силите за брза поддршка.

Силите за брза поддршка, составени од членови на милицијата Џанџавид, обвинети за злосторства за време на долгата војна што започна во 2003 година во Дарфур, западен Судан, исто така се обвинети за вмешаност во задушувањето на бунтот против диктаторот Омар ал-Башир кон крајот на 2018 година што кулминираше со неговото соборување во април 2019 година.