Претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието Талат Џафери и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски упатија честитки по повод празникот Воскресение Христово - Велигден.
Пендаровски упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан и до сите православни верници, како и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев и припадниците на Евангелско – методистичката црква во државата.
„Да внесеме светлина и топлина во нашите животи осмислувајќи ги и спротивставувајќи се на сите кризи, проблеми и искушенија“, вели Пендаровски.
Премиерот Ковачевски во честитката наведе дека во времиња на војна на европскиот континент и на светска економска и енергетска криза, „повеќе од потребна е обновата на гласот на совеста кај секого и издигнување над лични интереси.“
„Со цел заедно да ги осигураме просперитетот и перспективите на сегашните и идните генерации. Како што покажува и овој празник, исправниот пат ја искушува вербата, за да ја зацврсти волјата со којашто единствено можно да се постигнат колективниот мир и благосостојба, пишува во честитката.
Видете и ова: Православните христијани го слават ВелигденПретседателот на Собранието Талат Џафери упати честитка до православните верници по повод големиот хирстијански празник Велигден.
„Празниците оваа година се поклопуваа или се менуваа едни со други наизменично и тоа побуди во секој од нас некое свечено чувство кое што охрабрува и влева надеж во подобро утре. Постевме заедно, иако на друг начин и со различно времетраење, споделувавме ифтарски трпези заедно, со негување на обичаите и традицијата, како што било и убеден сум ќе биде и во иднина. Само така потврдуваме на дело дека заедно можеме и да гладуваме, и да јадеме, и да се насмееме и да си ги споделиме тешкотиите низ кои што поминува човештвото, наведува Џафери.
Само така, додава тој, сплотени можеме да носиме одлуки кои ќе значат напредок и развој на Република Северна Македонија, нејзина економска и енергетска безбедност и безбедност на нашите граници и граѓани.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во честитката по повод Велигден вели дека мудроста и разумот да продолжат да бидат главните двигатели на сите одлуки во овие историски времиња.
„Во овие празнични денови испраќам и порака кон една од нашите најголеми идентитетски тврдини - Македонската Православна Црква - Охридската Архиепископија: единството и трепетот над македонскиот оган, како и секогаш низ вековите - да продолжат да бидат главната одлика. Мудроста и разумот да продолжат да бидат главните двигатели на сите одлуки во овие историски времиња“, вели Мицкоски.
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.
Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.